Новинарите од МПМ го започнаа најавениот штрајк


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Новинари и медиумски работници во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, денеска го започнаа својот штрајк, токму на Денот на новинарите. Тие пред седиштето, но и внатре во редакциите, го изразија својот револт од доцнењето на платите. Информираат дека денеска и во недела штрајкот ќе трае по 4 часа, а од понеделник по 6 часа.

Новинарот од Утрински весник, Љубиша Станковиќ, се надева дека оваа ситуација нема да трае бесконечно и дека новинарите ќе бидат вклучени во преговорите за да се решат проблемите.

„Штрајкот беше неопходен, меѓутоа изнуден, бидејќи со месеци наназад не можеме да оствариме контакт и соработка со менаџментот на компанијата. Револтот кај вработените, кои се делимно тука бидејќи половината штрајкуваат во просториите на редакциите, е таков што моравме да излеземе и да го подигнеме нашиот глас. Немаме желба целата ситуација да трае до бесконечност. Сакаме да преговараме и да ги решаваме проблемите. Кога ќе се случи тоа, не зависи од нас, туку од менаџментот и сопствениците. Жално е што преку медиумите дознаваме дека компанијата Орка Холдинг заминала, и тоа во време кога интензивно се обидуваме да преговараме. Дознавме дека тие одлуката за тоа ја донеле на Управен одбор на 12 декември, еден ден по изборите, а на 31 декември и дефинитивно излегле од компанијата. Зошто тоа го направиле не знаеме, но сето тоа почнува да заличува како на некои компании кои се предмет на обработка на СЈО“, рече тој за време на штрајкот пред просториите на МПМ.

Станковиќ појасни дека весниците ќе продолжат да излегуваат и новинарите ќе постапуваат максимално професионално. Додава дека сите новинари одтрите весници на МПМ целосно го поддржуваат штрајкот, како и другите организациски единиви на компанијата.

На ова се надоврза новинарот Владо Апостолов од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, во чија организација е штрајкот. Тој рече дека Синдикатот ги поддржува колегите од МПМ во нивната борба да им се исплатат задоцнетите плати. Но, како што информира, раководството одбива да разговара на темата.

Синдикатот се уште не одлучил дали ќе следува протест, но оттаму најавуваат дека будно ќе ја следат ситуацијата. Велат дека доколку има информации за нови вработувања во медиумите на МПМ, соодветно ќе реагираат на тоа.

Ова се смета за прв организиран штрајк на новинари и медиумски работници од осамостојувањето до денес, покрај протестите на вработените во НИП Нова Македонија пред петнаесетина години, како и одделни други форми на протести во други медиуми.