Нови, зголемени директорски плати во Телеком


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во понеделник во 14 часот ќе се одржи Годишно Собрание на Македонски Телеком АД Скопје на кое покрај останатите точки, на дневен ред се и две многу значајни точки за граѓаните. Станува збор за предлог одлука за определување на нов зголемен месечен надоместок на членовите на Одборот на директори и за предлог одлука за избор на нов член на Одборот на директори, во конкретниот случај Андреас Елснер, досегашен главен оперативен директор за приватни корисници во компанијата.

Во однос на првата точка, се предлагаат двојно поголеми надоместоци за претседателот и за заменик претседателот на Одборот на директори на компанијата, односно ако до сега земале по 123.000, односно 93.000 денари месечен надоместок, сега ќе земаат по 248.000, односно 186.000 денари месечно. На останатите членови на Одборот на директори примањата им се зголемуваат за околу 20 насто.

Се поставува прашањето на што се должи ваквото енормно зголемување на месечниот надоместок за членовите на Одборот на директори, за 4 редовни и 3 вонредни состаноци одржани во 2016 година.

За потсетување, за период од осум до десет години приходите на компанијата се намалени за повеќе од 40 насто, додека нето добивката за цели 83 насто, односно добивката е намалена за 8 пати. Годишната добивка од 100 милиони евра (2007) се намалила на 17 милиони евра во 2016 година. Со тоа државата и граѓаните, само преку дивиденда изгубиле повеќе десетици милиони евра годишно.

Обезвреднувањето на компанијата е очигледно и преку огромниот пад на вредноста на акцијата на Телеком на берзата што најмногу е видливо по трендот на дивидендата по акција која бележи пад од 85 насто или за повеќе од 8 пати. Имено, во 2007 година Телеком исплатил дивиденда по акција во износ од 113 денари, додека во 2016 само 17 денари по акција.

Бројот на вработени е преполовен (од 2.400 во 2007 на 1.300 во 2016), трошоците за нето платите за вработени изнесуваат не повеќе од 10% од вкупните трошоци (околу 10,5 милион евра), додека истовремено платите и бонусите на неколкумина клучни директори се огромни и достигнуваат износ над 2,5 милиони евра годишно.

Зошто предлагачот на најновите зголемувања на надоместоците на Одборот на директори е претставник во Одборот од страна на Дојче Телеком? Дали има и други дилови во позадина, на несразмерни и непринципиелни земања и давања?

Андреас Елснер се планира да биде избран за нов генерален директор на компанијата. Како што е познато, согласно член 8-а од Изборниот законик, од денот на донесување на одлуката за распишување избори до завршување на изборот на Влада на Република Македонија, не смее да се исплаќаат материјални надоместоци од буџетските средства кои не се редовни месечни исплати, ниту да се започне постапка за вработување во јавни институции. Во конкретниот случај зголемувањето на надоместоците на членовите на Одборот на директори не е редовна исплата на тие надоместоци, туку зголемување, а во исто време се планира избор на нов генерален директор, без притоа да се има согласност од вториот мнозински акционер во компанијата, а тоа е Владата на Република Македонија.

Владата на РМ поседува 38,88 насто од вкупниот број акции со право на глас во компанијата. Во услови кога на ново парламентарно мнозинство во државата, кое најавува дека наскоро ќе избере нова Влада согласно изборните резултати, секоја одлука на компанијата спротивна на закон и Статут на друштвото би била ништовна, а во истовреме се коси со практиките на добро корпоративно управување.

Во овој контекст се очекува вториот мнозински акционер во компанијата Маѓар Телеком, а особено Дојче Телеком и нивните претставници во Одборот на директори, да не гласаат за овие две точки, пред тие да бидат претходно усогласени со новата демократски избрана Влада во Македонија. Секое постапување спротивно на ова, би можело да се смета како соучесништво на вториот мнозински акционер во понатамошното разграбување на Македонски Телеком, како една од најуспешните компании во земјава.