Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Преку статус на нејзиниот Фејсбук профил, новоназначената министерка за финансии, Нина Ангеловска, го претстави стручниот тим кој ќе биде дел од нејзиниот кабинет.
„Секогаш, секаде и се зависи од луѓето, од нивната волја, од нивниот потецијал, верба, напорна работа, интегритет, дух, енергија. Еден од предизвиците со кои се соочуваме во професионалната активност е да ги одбереме луѓето со кои ќе работиме, соработниците околу нас кои ќе ни бидат поддршка и ќе дадат совет, луѓето на кои можеме да се потпреме и со кои ќе сакаме да се бориме, да решаваме проблеми и да менуваме.
Верувам дека формирав професионален и енергичен тим, тим кој нема да прифаќа “не, тоа не може” без пред тоа да ги проба сите начини и креативни солуции. Тим кој е подготвен да ги стави сите свои капацитети во служба на државата, да се заложи максимално за да предизвика промени и да придонесе кон градењето на силна економија, прогрес кој ќе стои на цврсти нозе, кон подобрување на ефикасноста на нашето општество, кон елиминирање на административните стеги, кон продуктивно трошење на секој денар на граѓаните, кон креирање поволна клима за бизнисите, кон квалитетни услуги и пристап за сите граѓани, кон поквалитетен живот за сите нас. Тим кој има широки интердисциплнарни познавања и меѓународно искуство и кој ќе биде посветен на постојано унапредување на фискалната транспарентност и фискалната дисциплина.
Тимот е доминантно женски, но балансот во советниците е воспоставен со надворешните експерти со кои ќе се советувам во полето на даночната политика и макроекономијата.
Шефица на кабинетот е Кристина Попова која доаѓа од една од најголемите светски ревизорски куќи, но со претходно работно искуство во Министерството за финансии.
Ивана Станковиќ е посебен советник за јавен долг и финансиски систем. Нејзината долгогодишна работа во менаџмент консалтинг во приватен и јавен сектор со посебен фокус на корпоративни финансии, како и работа во финансискиот сектор во областа на алтернативни инвестиции ќе биде од големо значење.
Олимпија Христова Заевска е посебен советник за меѓународни финансии, ИПА и односи со ЕУ. Сигурна сум дека Олимпија значајно ќе придонесе на патот кон економски развој и паметно финансирање на развојни проекти.
Проф. д-р Маријан Петрески (со теоретско и практично искуство во макро и развојната економија, а особено во делот на критичката анализа и креирањето на политики) и Г-дин Павле Гацов (еден од најпознатите домашни експерти за даноци, предавач на голем број обуки за даночната регулатива) се надворешни консултанти со кои ќе соработувам во областа на макроекономијата и даночните политики.
Анја Марија Макеска, е координатор на социјални медиуми и односи со јавност, и ќе се грижи за транспарентно и навремено споделување и информирање на јавноста за нашата работа.
Министерството за финансии е екипирано со квалитетни кадри со кои верувам дека сите од кабинетот ќе имаме одлична соработка и заедно ќе воведеме нова динамика на работење која ќе покаже брзи резултати“, напиша министерката Ангеловска.
Откако дел од медиумите пренесоа дека овој е работниот кабинетски тим на новата министерка, преку Фејсбук со демант се огласија Гацов и Петровски.
Тие на своите Фејсбук профили го појаснија ангажманот во Министерството за финансии, откако беше објавено дека се дел од кабинетот на министерката за финансии Нина Ангеловска.
„Не сум бил дел од кабинет на ниту еден министер досега, па ниту сега сум дел од кабинет. Да ги разјасниме нештата. Ангажманот е експертски со точно определен делокруг на експертиза (независна анализа на ефектите од применетите политики од фискалната сфера…)“, напиша Гацов.
Со слична содржина е и постот на Петрески.
„Јас не сум бил дел од кабинет на ниту еден министер досега, па не сум ниту сега. Ангажманот е надворешно-експертски со точно определен делокруг на експертиза (независна анализа на ефектите од политиките од фискалната сфера) со времетраење до 31.12.2019. Го прифатив бидејќи почитувам кога се цени домашна експертиза, но замолувам за адекватно известување. И, секако, го задржувам правото да продолжам да ги коментирам состојбите во економијата и економските политики на независен и објективен начин“, пишува Петрески.