Нова Демократија на Мицотакис со убедлива победа во првиот круг од изборите во Грција, но ќе има и втор круг


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со освоени над 40 отсто од вкупниот број на гласовите од изборното гласачко тело, двојно повеќе од СИРИЗА, Нова демократија убедливо победи на парламентарните избори во Грција, но поради пропорционалниот модел не може да формира еднопартиска Влада, па земјата ќе оди на втори избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Нова демократија обезбеди 146 пратеници, пет помалку од потребниот минимум од 151 пратеник за мнозинство во Парламентот, кој овој пат го сочинуваат пет партии, откако МЕРА25 не успеа да освои три отсто од гласовите и да го премине изборниот праг за место во Парламентот.

Според официјалните податоци од Министерство за внатрешни работи на Грција на второто место СИРИЗА, трета е ПАСОК-Движење на промена, а потоа следат Комунистичката партија и Грчко решение.

Картата на Грција, по вчерашните резултати од изборите ја отсликува апсолутната доминација на Нова демократија, обоена е во сино, односно бојата на партија, со исклучок на изборната единица Родопи во североисточниот дел на земјата каде што победник беше СИРИЗА.

Мицотакис синоќа истакна дека со изборниот резултат, кој го карактеризираше како „политички земјотрес“, „надежта го победи песимизмот, а единството ја победи поделбата“ и порача дека Нова демократија доби одобрување од граѓаните, кои побараа еднопартиска и силна Влада.

-Динамиката на резултатот е повеќе од јасна: граѓаните сакаат силна влада, со хоризонт од четири години, со похрабри промени за да можеме брзо да го покриеме изгубеното што сè уште не дели од Европа.

Јас сум првиот што знае колку работа сега имаме пред нас. Потребна ни е Влада која навистина верува во реформите, но и способна да ги спроведе, истакна Мицотакис.

Синоќешната изјава ја заврши со предизборниот слоган на Нова демократија дека продолжуваат „стабилно, храбро и само наред“.

Од друга страна, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас изјави дека изборниот резултат „е особено негативен за СИРИЗА“ и додаде „битките имаат и победи и порази“.

Ципрас истакна дека партиските органи ќе ги разгледаат и оценат изборните резултати со цел да се направат неопходните промени.

-Сепак, изборниот циклус се уште не е завршен, бидејќи најверојатно ќе има втори избори.

Затоа, немаме многу време, мора веднаш да направиме многу промени кои се потребни за да најдобро што е можно да ја водиме следната клучна и последна изборна битка, рече Ципрас.

Лидерите на опозициските СИРИЗА и ПАСОК- Движење на промена доцна синоќа телефонски разговарале со актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис и му ја честитале победата.

Доколку се направи споредба со претходните парламентарни избори во јули 2019 година СИРИЗА загуби над десет отсто, додека пак останатите партии, Нова демократија, ПАСОК – Движење на промена, Комунистичката партија и Грчко решение го подобрија својот рејтингот освојувајќи повеќе проценти од гласовите.

Вторите избори во Грција се очекува да бидат или на крајот на јуни или на почетокот на јули.