Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
FOX ја објавија најавната шпица за новите „римејк“ епизоди од култната тинејџерска серија од деведесеттите години од минатиот век, Beverly Hills 90210. Засега се планирани шест нови епизоди, од кои ќе зависи дали новата „римејкот“ во кој ќе глумат истите актери од оригиналната серија ќе добие цела сезона, или ќе остане само мало потсетување на телевизискиот феномен со кој пораснаа голем број генерации.
„Сакавме да го оживееме она чувство кое го имаме кога се наоѓаме меѓу драги и познати луѓе. Семејно чувство“, вели Габриеле Картерис, која во оригиналната серија ја глумеше „бубалицата“ Андреа.
Култна актерска постава
Картерис, Шенон Доерти, Џени Гарт, Брајан Остин Грин, Џејсон Присли, Тори Спелинг и Јан Зиринг ќе бидат главните актери и во новите епизоди од Beverly Hills 90210. Од оригиналната постава ќе недостига само Лук Пери, кој почина оваа година од мозочен удар. Нему, како што најавија актерите, ќе му биде посветена цела една епизода.
„Немав намера да глумам во новиот римејк, но кога почина Лук, нештата ги погледнав од друга перспектива. Ова го правам во негова чест“, изјави Шенон Доерти промовирајќи ги новите продолженија. Таа оригиналната серија ја напушти после третата сезона и остана на глас како тешка и проблематична соработничка.
Во серијата тогаш ја замени Тифани Амбер-Тисен и остана во главната постава до крајот на емитувањето на серијата во 2000 година. Сепак, во римејкот Тифани не беше повикана, факт кој и таа го потврди пред неколку дена. „Мојот распоред е преполн, а ним им ја посакувам цела среќа“, изјави таа на промоција од Netflix.
Актерите во новите продолженија, во суштина, ќе се играат самите себе, а не оригиналните ликови кои ги прославија. Серијата е замислена како своевидна пародија на нивните животи, па така, на пример, Тори Спелинг во новата серија ќе има финансиски проблеми (познато е дека во реалниот живот актерката банкротираше неколку пати).
Точно е, Кели и Бренда навистина се мразеле
Промовирајќи ги новите продолженија, Џени Гарт призна и ги потврди долгогодишните нагаѓања за големиот анимозитет меѓу неа и Шенон Доерти.
Освен што беа ривалки во серијата, не се поднесувале баш многу ниту на сетовите.
„Еднаш толку се искаравме што излеговме да се степаме, а не разделуваа нашите машки колеги“, призна Џени во емисијата „Watch What Happens Live“.