Нивото на еко култура на дното: Од Стража собрани три камиони со ѓубре


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Смет, пластични кеси и шишиња се расфрлани долж патот за Охрид кај планинскиот превој Стража.

Ѓубрето е расфрлано покрај патот, иако се поставени табли со кои што се замолуваат патниците да не фрлаат смет од прозорците на возилата. На делницата меѓу Гостивар и Кичево се изведуваат градежни работи за санација на мостовите и на делови од патот сообраќајот се одвива по една лента, па најмногу ѓубре има на местата каде што возилата чекаат на трите семафори.

За оддржување на овој патен правец се грижи ЈП Македонија пат, како преземена договорна обврска од Јавното претпријатие за државни патишта.

Пред три дена го чистевме овој патен правец. Собравме три камиони ѓубре. Овде веќе не е до нас, туку до културата на граѓаните. Поставивме тријазични табли, на македонски, албански и на англиски со кои што ги замолуваме сметот да не го фрлаат по патот туку во кантите за отпадоци, што ги поставивме долж патот на мали проширувања што се користат како мини паркинзи, вели Гајур Кадриу, директор на ЈП Македонија пат.

Тој додава дека писмено барале од надлежните, односно од полицијата и комуналната инспекција, да помогнат да се реши овој проблем, односно да постават контроли и несовесните граѓани да ги казнуваат.

Повторно апелирам до граѓаните да не фрлаат ѓубре, оти не може да одиме по нив и да собираме. Оваа обврска со договор ја имаме преземено од ЈП за државни патишта и средствата што ги добиваме за тоа се ограничени. Од друга страна немаме ни доволно луѓе постојано да има екипи што ќе собираат ѓубре од патиштата. Ова што е расфрлано кај Стража не се некои големи количини па да може со машина да се подигне, туку мора нашите вработени рачно да го собираат долж патот, вели Кадриу.

Тој додава дека проблемот со расфрлан смет не е само на Стража, туку и на патот тетово-Гостивар и кон Маврово, каде исто така поставиле табли да не се фрла ѓубре.

И ставивме табли, ама џабе. Луѓето не ги почитуваат и таму чистиме, вели Кадриу.

Извор: СакамДаКажам