Нина Ангеловска – од успешна бизнис приказна до министерска функција за финансии


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев, како што најави вчера по завршувањето на седницата на централниот комитет на СДСМ, денеска до Собранието ќе достави предлог Нина Ангеловска да ја преземе функцијата министер за финансии, пренесува Дојче Веле.

Ваквата најава на Заев по синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, за некои е изненадување, а за други сосема очекувана, во согласност со пораката што премиерот ја испрати синоќа.

„Пораката е, млади, работете, ангажирајте се, бидете видливи, борете се во оваа наша земја, еве и високите позиции се достапни за сите граѓани“, рече Заев, објаснувајќи дека зад Ангеловска стои богато искуство како основач на преспективна компанија во модерните технологии, која е препознаена не само дома, туку во регионот и пошироко.

„Општеството знае да препознае и да даде шанса секој да се вгради низ институциите и да придонесе во севкупниот раст, развој, осовремување и модернизирање на целокупното наше општество“, порача премиерот.

Премиерот Зоран Заев денеска до Собранието ќе достави предлог Нина Ангеловска да ја преземе функцијата министер за финансии.

Која е Нина Ангеловска?

Иако некои ја сметаат за млада за министерска функција во исклучително тежок ресор, други потсетуваат дека и Никола Груевски на нејзина возраст го презел кормилото на ресорот финансии. Какво искуство има таа зад себе? Ангеловска е еден од основачите и извршен директор на Групер (Grouper.mk), првиот македонски онлајн сервис за шопинг преку групни попусти.

Нејзината приказана започнува во 2010 година кога имала 21 година. Победата на државниот натпревар за најиновативен бизнис план и донела финансиски средства за да започне свој бизнис. Девет години подоцна Групер е пример за успех на домашната старт- ап сцена и поттик за сите кои размислуваат да започнат свој бизнис. Нејзиниот успех беше нотиран и на меѓународната сцена. Ангеловска во 2016 година е одбрана во листата на „100 жени основачи од Европа” составена од германскиот магазин „The Hundert”, а во 2018 година избрана од престижниот „Forbes” во категоријата највлијателни млади деловни луѓе во Европа помлади од 30 години (“30 under 30”).

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nina Angelovska (@ninaangelovska) on

Денес Групер е препознаен како двигател кој предизвика трансформација на пазарот на е-трговија. Во 2011 година кога компанијата почнала со работа, речиси и немало е-трговија во земјата. Денес има околу 200 илјади регистрирани корисници и над 2.500 партнери соработници чии услуги и производи се нудат на Групер. Паралелно со бизнис целите, компанијата исполнува и општествено одговорна мисија – ги едуцира трговците и потрошувачите за придобивките од е-трговијата. Неслучајно, Ангеловска денес е претседател и еден од основачите Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, формирана со цел по институционален пат да го унапреди развојот на е-трговијата во земјата.

Веднаш по најавата на премиерот дека ќе ја предложи за министерка за финансии, Ангеловска се огласи на Фејсбук.

„Чест ми е што моето знаење, потенцијал и ентузијазам за промени, се препознаени да бидат ставени во функција на прогресот на нашата држава. А честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска. Понудата ја гледам како шанса, да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина. Подготвена сум да се вложам во прогресивни фискални политики со кои ќе креираме силна економија за граѓаните и ќе ги задржиме младите во државата. Ова е време на технологии, вештини, развој на модерното претприемништво и нови бизнис модели, дигитални комуникации и производство. Таму го гледам развојот на земјата”, напиша Ангеловска, со заложба за домаќинско раководење со парите на граѓаните.