Нимиц: Средбата Заев-Ципрас од историско значење


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите за името, за грчкиот весник „Катимерини“ вели дека постои динамика за решение, и дека во соработка со меѓународната заедница може да се постигне заемно прифатлив договор.

„Средбата меѓу премиерите Ципрас и Заев во Давос беше позитивна и важна, една средба од вистинско историско значење, ако конечно доведе до решавање на важните разлики меѓу двете соседни земји. Време е да се интензивираат разговорите во врска со условите за еден конечен договор, со претпазливост на прашањата што беа истакнати од двајцата премиери. Согласно со нивната намера, доаѓам во Атина и Скопје на разговори, за да се придвижи процесот. Верувам дека сега постои една динамика за изнаоѓање решение“, вели Нимиц.

Според најавите, медијаторот Нимиц се очекува да пристигне во Скопје на 31 јануари , откако претходно ќе ја посети Атина. Посетата следува по последната рунда преговори за името одржана во Њујорк на 17 јануари, на која Нимиц излезе со сет предлози за решение за спорот за името, како и по минатонеделната средба Заев-Ципрас во Давос. Деталите од средбата, како и новите предлози за името беа разгледани на синоќешниот координативен состанок на државно политичкиот врв во Македонија, помеѓу премиерот Зоран Заев , претседателот Ѓорге Иванов , лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.