Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бившиот министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, на неговиот Фејсбук профил во опширен пост го коментираше и толкуваше францускиот предлог кој македонската Влада денеска го објави на нејзината веб-страница. Во објавата тој вели:
ТУЃА ВЛАДА
Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој можеби ќе ги отвориме преговорите со ЕУ ако го смениме Уставот, ама никогаш нема да ги завршиме.
Дури ни во пакувањето на “измените” не се потрудиле многу.
Прво, ако во претходното пакување, преговорите ќе се отвореа по измените на Уставот, сега отворањето ќе почне веднаш, штом се потпише протоколот, ама пак условено оти пишува дека преговорите ќе се до-отворат по внесувањето на Бугарите во Уставот.
Значи нашиот почеток е на две рати.
Две рати само за да почнеме.
А вистински почеток секако нема додека не се направат уставните измени, бидејќи преговарачката рамка ќе се презентира дури тогаш.
Втората “измена” пак е целосна измама.
Ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваа во пристапниот процес преку “билатералните протоколи” по член 12 од договорот за пријателство, сега историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваат преку “годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот.”
Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12 со што НЕМА дилема на што се однесува. Тоа е членот каде се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и примена на мерки, донесувајќи документ што досега го викавме протокол.
Ова е еден срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, можеби на сугестија од дома, да се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мораме да ги преземеме и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува европската комисија.
Ама замислете, дури и ова не било доволно, па вториот протокол, овој што треба да го потпишат денес утре или задутре Османи и Генчовска, што го содржи договорот по точките 4+1, тој си останува и со истиот назив – протокол. Овде не сме успеале ни називот да го смениме. И прегледот и мерките наведени во овој протокол, заедно со историските прашања, ќе бидат апсолутно дел од пристапниот процес.
Значи да нема никаква дилема, бугарските барања за историјата и за многу други теми, целосно си остануваат во рамката и стануваат европски барања, како што си беа и во претходното пакување.
Нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа, одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да не’ донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување. Преседан што ќе го осетат на своја кожа и други земји кандидати по нас.
Околу македонскиот јазик, и во ова пакување како и во претходното, ЕУ ќе констатира дека Бугарија ќе си достави (или сега си доставила) своја позиција за НАШИОТ јазик. Софија преамбулата ќе ја чита со Бугарите и сите други, но ќе го прескокнува делот со македонскиот народ.
Ценети сограѓани, драги пријатели!
Ценам дека деновиве живееме едни од најцрните денови во македонската историја по независноста.
И додека Софија си ги бетонираше бугарските услови преку Собранието, ние се препелкавме во калта со владини лаги, цртајќи си се себеси како голема мета за европски притисок да попуштиме и да го прифатиме тоа што за сите земји членки освен Бугарија беше неприфатливо – целосна билатерализација на пристапниот процес измешан со агресија врз македонскиот идентитет и наметнување на бугарскиот наратив за историјата.
Владиниот тим не добил никакви подобрувања на предлогот, туку малку помош во обидот да си го измами сопствениот народ и граѓанство. И од вчера, тоа сесрдно го прави.
Лага е дека историските прашања не се во рамката.
Новото пакување, внимавајте, е изготвено на 23 јуни, ден пред усвојувањето на предлогот во бугарското собрание. Дали “нашите” го добиле навистина вчера како што рекоа, или пак си го чувале за јуриш во пет до дванаесет е прашање што може овој историски срам само да го зголеми.
Впрочем, Генчовска беше единствената што вчера ја кажа вистината – нема нов предлог.
Таа не можеше да издржи ни три саата со тезата дека “нема историја во рамката”.
Како тоа и би било можно, кога во Бугарија нема услови за нова одлука на Собранието. Вистината денес ја кажа и француската амбасадорка во Софија Флоренс Робин: “Вчерашниот предлог на Франција до Бугарија и Република Македонија за решавање на спорот е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент.”
На владата и’ се брза, за да не му текне на народот.
Сакаат “широките консултации” да ги завршат што побрзо, за некако да не се дознае вистината.
Затоа апелот на премиерот да се верува на “официјалните информации од институциите” всушност порачува да им веруваме на лагите.
Ние нема да кренеме раце од стратешкиот интерес за членство во ЕУ. Но, патот што води кон членство не е оваа слепа улица што ни се нуди. Заслужуваме европски пат поплочен со реформи.
Почитувани сограѓани,
На влада што за вакво историски важно прашање го лаже сопствениот народ гледам како на туѓа влада. Не знам дали сум повеќе згрозен од предлогот што не’ носи во бескрајно измачување во рацете на Бугарија, или од овој обид за измама од епски размери.
Сме имале ние многу грешки во минатото. Ама ваков кукавичлук и бегање од соочување и искрен приод кон граѓанството за вака суштинско прашање не паметам.
Оваа влада мора да сноси политичка одговорност за овој срам. Оваа влада, почитувани сограѓани, ако веднаш категорично и конечно не го одбие предлогот што веќе два пати го одби, и не се извини длабоко за лагата, треба веднаш да падне!
ПС. Сликите подолу се од оригиналниот предлог. Владата објави пречистен текст без датумот. Меѓу другото, можеби за толку очигледната “измена” да биде помалку очигледна. Датумот пак ќе бара дополнително објаснување. Дури и да е заборавен и останат од некоја друга верзија, тоа речиси ништо не менува.