Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Дванаесетти април 2012 година беше кобниот ден за четири момчиња на возраст од 18 до 21 година и за 45-годишен рибар. Со три различни типа оружје, три лица има пресудија на 5 жртви. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ според Обвинителството им пукале од близу на момчињата, а потоа на одредено растојание го забележале и рибарот, во кој исто така пукале. И тој паднал и починал до својот автомобил, на само неколку метри од телата на четирите момчиња.
Повиците на родителите, кои се обидувале да ги добијат своите деца што до доцна не се вратиле дома, биле безуспешни. Никој не им одговорил на телефонските повици, а по некое време, за жал, до најблиските стаса страшната вест за убиството на децата и рибарот.
Иако до сега за овој предмет Демири и браќата Исмаиловиќ два пати добиваат доживотни затворски казни за тероризам и се посочени како директни извршители на овој настан, само еден од нив во судница ја слуша пресудата и заврши зад решетки.
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ цели осум година по ред успешно бегаат и се кријат од лицето на правдата. И кога на сите ни се чини дека можеби органите на прогонот се толку близу до екстрадиција на двајцата бегалци, фактите и постапките на институциите се тука да ни го докажат спротивното: дека тие не се достапни и покрај тоа што се знае нивната локација на престој. Косово е местото што умешно ги крие Демири и Исмаиловиќ. Факт е дека за нив има меѓународни потерници и во потрага е вклучен и Интерпол, но од двајцата бегалци во државава нема ни трага ниту глас.
На Косово бегалците беа фатени за нелегална трговија со оружје, по што завршија зад решетки во тамошниот затвор. Иако македонските власти бараа екстрадиција на првообвинетите во случајот „Монструм”, сепак екстрадицијата од Приштина беше отфрлена. Постапката за екстрадиција не завршила, а надлежните во државава тогаш не добија никакво известување дека осудените од Косово се пуштени на слобода.
Во 2018 година Агим Исмаиловиќ јавно и пред сите на судење кажа дека косовската полиција ја има точната адреса и знае каде се наоѓа неговиот брат, со кој, како што рече, комуницирал преку вибер.
„Мојот брат е на Косово, комуницирав со него преку вибер”, рече на рочиште за случајот „Монструм” обвинетиот Агим Исмаиловиќ на 16 мај 2018 година.
На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи која е точната адреса и каде точно се наоѓа неговиот брат Африм Исмаиловиќ, обвинет во оваа постапка што се бара по потерница, Агим рече дека тој живее во Приштина, дека адресата не ја знае, но дека косовската полиција има точни податоци и многу добро знае каде живеат и неговиот брат Африм и обвинетиот бегалец Алил Демири, по кого исто така е распишана меѓународна потерница.
И колку ова и да звучи како полицијата и надлежните да имаат трага да ги лоцираат и најдат бегалците, тоа не се случи.
И оваа изјава за вибер-комуникација и точната локација остана така, само како изјава без реализација. Фактот дека бегалците се на Косово го потврди и настан што се случи во почетокот на месецов.
На 1 април по сообраќајна несреќа во Косово, Африм Исмаиловиќ беше однесен во полициска станица и е утврдено дека се бара по потерница. Косовската полиција испратила известување до македонското МВР, по што е утврдено дека за ова лице има барање за екстрадиција.
Според официјалните податоци од македонското Министерство за правда, до сега во период од 8 години испратени се две барања за екстрадиција во кои е содржана и доставена целокупната документација за екстрадиција на бегалците. Испратени се и замолници, но на нив ниту имаат обврска, ниту дале одговор косовските власти.
Последното барање за екстрадиција македонското Министерство за правда го испратило на 5 септември 2018 година, а документите што ги содржи барањето се во зависност од фазата во која се наоѓа постапката.
Од Министерството за правда за МКД.мк одговорија дека првото барање за екстрадиција е одбиено, а за второто првичниот одговор бил дека Исмаиловиќ не бил достапен на органите на прогонот, но по неговото лоцирање испратено е известување и тамошните власти побарале гаранции дека ќе му се суди во присуство, кое нешто го дозволува законот ако лицето судено во отсуство, биле најдено и лоцирано.
„Првото барање за екстрадиција е одбиено. За второто првичниот одговор беше дека тој не е достапен. По лоцирање на лицето испратено е известување и побарани гаранции дека ќе му биде судено во присуство. Тие гаранции се веќе испратени од косовските власти”, стои во одговорот од Министерството за правда.
Македонското Министерство за правда како правен механизам за екстрадиција на осудените на доживотен затвор го има само барањето, кое веќе е два пати направено. Други законски можности за да бара, инсистира и да добие одобрување бегалците да се најдат пред правосудните органи, нема. Единствениот правен механизам е билатерален договор за екстрадиција со Косово, според кој и во моментов се постапува.
Одговор по второто барање за екстрадиција на Исмаиловиќ сѐ уште нема.
Според неофицијални информации што деновиве ги објавија медиумите, Исмаиловиќ е пуштен од притвор на Косово по сообраќајната несреќа и му е изречена мерка на претпазливост, а во меѓувреме побарал азил во Косово, кој ако му биде одобрен тој ќе добие заштита од Косово.
Африм Исмаиловиќ, како и неговиот брат Агим и Aлил Демири, на 23 февруари годинава беа осудени од Кривичниот суд во Скопје на доживотен затвор по обвинението дека на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство.
Двајца други обвинети, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на 15, односно девет години затвор. За обвинетиот Сами Љута се одби обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторeно судење и случајот во март 2018 година го презеде поранешното СЈО. По овој предмет во повторената постапка обвинители беа Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Во текот на судската постапка за случајот „Монструм” поминаа голем број сведоци, а имаше и очевидци односно рибари кои ноќта сосема случајно се нашле на местото на масакрот кај Смилковско Езеро.
Пред судот тврдеа дека слушнале пукотници и кога тргнале да си одат, виделе маж со маска на глава и калашников во рака, кој ги предупредил дека ако не си заминат, ќе бидат убиени. По ова, сведоците тврдеа дека го напуштиле местото. Во судница еден по еден ги гледаа обвинетите, но ниту еден од сведоците со сигурност не потврди дека некој од обвинетите е истото лице што кобната ноќ го виделе на местото на петкратното убиство.
Се соочија со сите останати од случајот, но немаа шанса да се соочат со бегалците Демири и Исмаиловиќ за да кажат дали се тоа луѓето што кобниот 12 април 2012 година ги виделе на местото на петкратното убиство.
Ниту родителите на убиените момчиња и роднините на рибарот не добија можност цели 8 години да го видат лицето на оние што, според обвинителниот акт, ги убиле нивните најмили.
Изречена е и втора пресуда, која сѐ уште не е правосилна, но и покрај изречените затворски казни, од кои три се доживотен затвор, правдата се чини дека не е задоволена до крај.
Само еден од оние за кои Обвинителството тврди, а судот прифати и го осуди како извршител на масакрот, е зад решетки. Другите двајца се на слобода.
На изрекувањето на пресудата, судијата Огнен Ставрев на присутните во судницата, но и на целата јавност, им го постави прашањето како им било на тие деца што клекнати на колена чекале да бидат убиени.
Според неговото гледиште и чувство, убиството кај Смилковско Езеро, судијата го нарече монструозно садистичко одземање животи на деца што тукушто станале полнолетни.
Извор: Мкд.мк