Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
По одржаната промоција на спотот за народната песна „Нешто ќе те питам бабо“ на братското музичко дуо Next Time, видеото во два дена надмина 400.000 прегледи на YouTube. Видеото и преработката добија поларизирани реакции, едне куп позитивни пофалби, но не отсуствуваат ниту критиките.
Истото не пропуштија да го сместат во политички контекст ниту дел од политичарите. Најизвикан меѓу нив беше актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој го сподели спотот на неговиот Фејсбук профил со пропратни пофалби и честитки за сработеното до Next Time (политички лидер и функционер кај нас сè што ќе објави се става во политички контекст, да си бидеме на чисто).
„Нешто ќе те питам бабо“ е неформална химна на ВМРО-ДПМНЕ бидеќи во една, поточно најпознатата тексутална верзија го велича и слави Тодор Александров, еден од идеолошките претечи на дел од припадниците на оваа политичка провениенција кај нас.
Токму текстот беше тема на друга димензија (бидејќи станува збор за песна со револуционерна тематика) во која беше расправано за песната на социјалните мрежи.
Освен за Тодор Александров, во друга верзија оваа песна со истиот текст и музика е посветена на прилепскиот војвода Никола Каранџулов, а изведбата е поместена во 24-та епизода од новите изданија на серијата „Тврдокорни“ посветена на споменатиот револуционер (изведбата почнува на 27 минути и 40 секунди).
Next Time и со овој спот покажаа дека се фокусирани на комбинација од традиција и модерност во реализацијата на истиот, кој резултира со моќни сцени и кадри. Што се однесува во поглед на изведбата, може да се забележи дека на вокалот дефинитивно му фали експресивна моќ, торжественост, но и длабочина во изведбата на песна како оваа, со оглед на фактот дека се работи за песна која секогаш се пеела за да предизвика ерупција од емоции.