Неверојатната приказна за лудиот обид за грабеж на банка и злобната генијалка која го смислила


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Околу три и пол часот попладне, на 28 август, 2003 година, средовечениот доставувач на пица, Брајан Велс, влезе во банката во Ири, Пенсилванија.

Во рацете држеше краток стап, а под неговата маица се наѕираше необична испакнатина. На проќелавениот 46-годишен банкар тој му предаде ливче на кое пишуваше: „Собери ги во трезорот вработените кои имаат пристап до шифрите и обидете се што побрзо да наполните вреќа со 250.000 долари. Имате 15 минути“. Веднаш после тоа ја подигна маицата и под неа го откри тешкиот уред кој го криеше. Во пораката пишуваше дека станува збор за бомба.

Банкарот му кажал на Велс дека нема шанси во тој момент да влезе во трезорот и неговата вреќа ја наполнил со парите кои му биле при рака. Но, станувало збор само за 8.702 долари. Велс ја зел вреќата, излегол од банката, седнал во автомобилот паркиран пред банката и си заминал.

Не успеал да побегне многу далеку. Само 15 минути подоцна полицијата го затекнала на еден паркинг, го опколила и уапсила. Иако се обидел да им продаде приказна дека група црнци му ставиле бомба околу вратот и го натерале да ја ограби банката, полицајците не му поверувале, но повикале пиротехничка екипа. Наскоро стигнале и репортерите од локалната телевизија.

Цели 25 минути Велс седеше на плочникот. Во еден момент ги праша полицајците дали му јавиле на неговиот шеф дека нема да се појави на работно место, а тогаш направата околу негоиот врат почнала да пишти. Велс станувал сè повознемирен, а потоа бомбата експлодирала и го убила на лице место несреќниот човек. Во 15 часот и 18 минути Велс бил мртов. Три минути подоцна се појавил и антибомбашкиот тим.

Е, јакото во сета оваа ситуација е што најлудата приказна поврзана со овој случај почнува токму тогаш.

Во автомобилот од Велс бил пронајден стап, кој всушност претставувал оружје. Бомбата околу неговиот врат била дело на некој кој добро знаел што прави, бидејќи била голем залак дури и за најголемите специјалисти од таа област.

Меѓутоа, најнеобичниот доказ била рачно напишаната порака о која биле објаснети упатствата како да ја ограби банката и да изнесе 250.000 долари од таму. Покрај тоа, полицајците нашле и мапа која Велс го водела низ Ири во потрага по клучевите со чија помош, кога ќе го заврши грабежот, ќе може да ја извади бомбата од својот врат.

„Има само еден начин да го преживееш ова, а тоа е да соработуваш со нас. Оваа моќна бомба може да се отстрани само ако ги следиш нашите упатства. Делувај веднаш, размислувај подоцна или ќе умреш“, стоело во пораката. Некој очигледно го натерал Велс на разбојничкото дело кое го извршил, но било мистерија кој стои зад тоа.

Толку лудо што делува надреално

Ова е само вовед во документарната мини серија од Нетфликс „Evil Genius: The True Story of America’s Most Diabolical Bank Heist“, која во четири епизоди го следи случајот со убиството на Брајан Велс. Кој сè учествувал во овој грабеж и на кој начин – сите докази воделе до Марџори Дел-Армстронг.

И токму таа е најголемата ѕвезда во серијата, жена со психичко пореметување, но исклучително интелигентна, која го смислила целиот тој пеколен план и која, 20 години пред овој случај, успеала да се извлече од обвинение за убиството на нејзиниот тогашен дечко. Но, тоа е само дел од неверојатната приказна која ги импресионираше гледачите.

Барбара Шредер и Треј Борзилери со години собирале информации, комуницирале со Дел-Армстронг и го спремале овој фасцинантен документарен проект кој на моменти делува како вистинска верзија од реалноста на филмот „Saw“.

Целата приказна е преполна со пресврти и ситуации кои делуваат како да се сценарио за некаков интензивен холивудски трилер. На кратко, Нетфликс повторно погоди во сржта и после феноменалните „Making a Murderer“, „The Keepers“ и „Wild Wild Country“, донесоа уште еден документарец базиран на реална случка кој не се пропушта.