НЕВЕРОЈАТНА ПРИКАЗНА: Како Пепси поради трговијата со Русија стана 6-та воена сила во светот!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Приказната за влезот на еден од најпопуларните американски производи од западниот капиталистички пазар на подрачјето на комунистички СССР, може да послужи како сценарио за некој забавен филм ако се знае дека Русите за овој планетарно популарен производ платија со големи количини на вотка, а подоцна и со удел во воената морнарица на СССР.

Во 1959 година тогашниот американски претседател, славниот генерал Двајт Ајзенхауер посакал советските граѓани од прва рака да дознаат за предностите на американскиот начин на живот, за капитализмот над комунизмот, па им предложил на советските власти во Москва да биде организирана „Американска национална изложба“. Хрушчов, кој сакал да му покаже на светот дека и во неговата земја се променети работите по смртта на Сталин ја прифатил понудата. Заради спреченост Ајзенхауер не можел да ја предводи изложбата, а главен претставник на Белата куќа бил Ричард Никсон, тогашен потпретседател на САД.

Никсон и советскиот лидер Никита Хрушчов се сретнале на изложбата. Заедно ги разгледале најновите технологии и производите за широка потрошувачка на Американците, па започнале и расправа за предностите на комунизмот и на капитализмот. Изложбата била среде јули, а на Хрушчов му било толку жешко што целиот се испотил.

Доналд Кендал, тогаш потпретседател за маркетинг на компанијата „Пепси“, ја искористил шансата и му понудил на советскиот претседател чаша со Пепси. Фотографијата станала хит и го обиколила светот како најдобра реклама на овој газиран безалкохолен пијалак.

НАМЕСТО ПАРИ – ВОТКА

Тринаесет години подоцна, во 1972г, Доналд Кендал, кој во 1963 година станал и претседател на „Пепси“, се уште се обидувал да му продаде газирани пијолаци на СССР. Никсон тогаш веќе станал претседател на САД, па Кендал ги искористил своите лични контакти со него, поттикнувајќи го да иницира трговска спогодба и извоз на американскиот пијалок во СССР.

Кога дошло до потпишување на спогодбата во 1972 година, се појавило прашањето како СССР ќе плати? Советскиот сојуз немал пристап до девизи, а рубљите не се користеле на меѓународниот пазар. Решението било да платат со вотка! Советската влада располагала со големи количини вотка затоа што повеќето брендови биле во државна сопственост. Така, било договорено дека СССР ќе плаќа со вотка Столичнаја, брендот кој во 1901 година е создаден по рецепт на рускиот хемичар Дмитриј Иванович Менделеев, познат како креатор на Периодниот систем на елементи.

Тоа била историска спогодба: Пепси станал првиот западен производ што се продавал во СССР, а од друга страна Пепси станал ексклузивен увозник на познатата вотка Столичнаја на американскиот пазар.

ПЕПСИ ДОБИ ВОЕНА МОРНАРИЦА

Кога во 1989 година требало да се обнови договорот меѓу Пепси и СССР, дошло до нови преговори. Во тоа време Пепси веќе поседувал над 20 фабрики во СССР. Новиот трговски договор изнесувал околу три милијарди долари, и станало јасно дека вотката не може да ги покрие вкупните трошоци. Советскиот Сојуз сè уште имал проблеми со работење на меѓународниот пазар со девизи, па морал да најде нов, алтернативен начин на плаќање.

Решението било: ако во седумдесеттите СССР имал големи количини вотка, во осумдесеттите бил затрупан со стара воена опрема од Студената војна. Па на „Пепси“ му понудил да плати со воени бродови на дизел-погон. Пепси ја прифатил понудата само затоа што знаел дека тоа бил единствениот начин да се продолжи соработката.

Договорот вклучувал 17 подморници, крстосувач, фрегата и разурнувач, кои на крајот ѝ биле продадени на шведска компанија која се занимавала со рециклирање. Благодарение на оваа ’морнарица’, Пепси во моментот на преговорите со Швеѓаните бил шеста светска воена сила по бројот на дизел подморници.

Се зборува дека во една пригода претседателот на Пепси, Доналд Кендал, на шега му порачал на еден советник од ЦИА: „Го разоружуваме Советскиот Сојуз побрзо од вас“.

Подоцна, на 45-годишнината од влезот на Пепси на советскиот пазар, Владимир Путин со посебно одличје му се заблагодари на Кендал што го донесол Пепси во Русија.