Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Преговорите за спорот што Грција го има со нашето име и идентитет влегуваат во нова трагикомична фаза. Имено, откако нашите власти напомнаа дека немаат црвени линии, а Грција и на најголемите ’оптимисти’ во земјава им укажаа дека не признаваат засебен македонски идентитет и предложија прилично потценувачки предлог – да се викаме Горномакедонија (слеано), без превод и можност да ги користиме имињата Македонци/македонски јазик, сега нашиот јужен сосед ’широкоградо попушта’, но со барање да го смениме уставот и името да биде и за внатрешна употреба.
Според грчките медиуми, на разговорите во Виена, бил направен напредок помеѓу преговарачите, а веднаш по Велигден, ќе продолжат преговорите со средба на двајцата министри за надворешни работи.
Овој напредок ќе се покаже од подготовката во следните денови, а двајцата министри ќе бидат во континуиран контакт за веднаш по Велигден, можеби во комбинација со некое друго патување на Балканот, одново да се сретнат за да ги споредат ставовите на владите во Атина и Скопје. Секако, ако постојат позитивни одговори, истите извори не отфрлаат средба на двајцата премиери, пишува грчката новинска агенција АНА –МПА.
За евентуална нова средба на Зоран Заев и Алекис Ципрас, објавија и грчките телевизии во нивните централни изданија на вестите.-Двајцата министри се согласија да имаат нова средба, а ако постои суштински напредок и има позитивни одговори на прашањето, би можело да се закаже и средба на двајцата премиери, објави државната ЕРТ.
Според телевизиите Скај и Антена, Атина направила отстапки во преговорите, во однос на името, односно отстапила од барањето името да биде на македонски јазик, во еден збор, слеано и непреведено. Но, за возврат бара името да биде ерга омнес и да има промена на Уставот, посебно во членот 49.
Инаку, голем дел од познавачите на спорот тврдат дека секој префикс пред името Македонија како што се Горна, Северна или Нова ќе го загрози македонскиот идентитет, односно ќе го преименува во Горномакедонски, северномакедонски и тн, како што се користат таквите термини за земјите кои имаат таква одредница во името (севернокорејски, јужноафрикански и тн), а покрај тоа ќе ги зголеми апетитите на грчките ултранационалисти кои тврдат дека Македонија е грчка, а нејзиниот ’северен дел’ е окупиран од некоја ’вештачка словенска нација’.