Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
На заедничката прес конференција која денеска ја одржа со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел се обиде да стави до знаење дека ЕУ го признава македонскиот идентитет и неколку пати на граѓаните им се обрати со Македонци. Нешто што досега не го практикувале претставниците на ЕУ.
„Доаѓам во клучен момент за Македонија, но и за клучен момент за ЕУ. Иднината на моите три деца и иднинтата на сите наши деца ќе биде побезбедна со Западен Балкан во ЕУ. Почитувани Македонци, имате историска можност да кажете да, на почетокот на преговорите, да на ЕУ, да за нашите деца. Вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето“, рече Мишел.
Тој се осврна и на придобивките од почнувањето преговори, како што се европските фондови.
„Сакаме да ни се приклучите и нашата цел е да го забрзаме процесот. Започнувањето на преговорите веднаш ќе донесе предности. Ќе донесе и програми и иницијативи кои обично се достапни само за земји-членки. Ако кажете да, првата меѓувладина конферецнија ќе се организира во наредните денови. Ќе започне скрининг процесот. Со овој предлог јасно дискутираме и за македонскиот јазик. Целото законданство на ЕУ ќе биде преведено на македонски јазик. Систематски ќе стојам зад вашите легитимни права за националниот идентитет“, вети Мишел.
На прашањето дали воопшто може да се спречи Бугарија во процесот на преговори да не ја блокира земјава врз основа на билатерални теми кои се дел од годишните извештаи и од мерките за спроведување на Договорот за добрососедство од членот 12 кој е инкорпориран во преговарачката рамка, Мишел одговори дека тој како претседател на Европскиот совет ќе направи сè што може да спречи некој да го расипе преговарачкиот процес.
„Јасно е дека во преговарачката рамка сакаме да ги земеме предвид различните кластери, нивото на напредок што ќе се постигне и ќе направиме се. Јас во мое својство на претседател на Европскиот совет ќе направам сè што можам да спречам некој да се обиде да го расипе овој процес со теми кои нема да бидат легитимни“, рече Мишел.
Македонија, додаде тој, е одличен пример за мултиетничка земја и важно е да се одржи тоа.
„Со почеток на преговорите паралелно во реципрочен процес би било возможно да се дојде до решенија кои ќе бидат потребни за да се идентификува кои се темите што ќе бидат решавани на билатерално ниво. Може да сметате на мене и на институциите на ЕУ за овој процес на проширување, дека ќе напредува. Видовме дека има елементи кои се директно неповрзани со процесот и не сакаме тоа да се случи“, рече Мишел.
Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје присуствуваше и на владина седница, а претходно имаше средба и со шефот на државата, Стево Пендаровски. Попладне, пак, предвидено е тој да има средби и со координаторите на пратеничките групи на парламентарните партии.