Македонец настрада во терористичкиот напад во Барселона


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Шпанските власти наведоа дека во терористичкиот напад што вчера се случи во Барселона настрадале државјани од најмалку 24 држави, меѓу кои и Македонија.

Според податоците од шпанската Агенција за цивилна заштита меѓу жртвите има државјани на Франција, Германија, Шпанија, Холандија, Аргентина, Венецуела, Белгија, Австралија, Тајван, Хонг Конг, Унгарија, Перу, Северна Ирска, Грција, Куба, Македонија, Кина, Италија, Романија и Алжир.

Портпаролот на агенцијата за цивилна заштита на Шпанија за медиумите не открил дали граѓаните на наведените држави се меѓу загинатите или меѓу повредените.

Македонското Министерство за надворешни работи синоќа соопшти дека до 20:30 часот немаше информации за повредени македонски граѓани во нападот во Барселона.

– Земајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата, во моментов е отежната комуникацијата со релевантните институции но македонската амбасада во Шпанија прави напори да добива редовни и прецизни информации за настанот и можноста за евентуални повредени македонски граѓани, наведе МНР во соопштението.

Шефот на каталонската полиција, Луис Траперо, изјави дека две лица се приведени за учество во нападот во Барселона – еден Мароканец и еден шпански државјанин од шпанската енклава Мелила, во северна Африка. Полицијата за ниту еден од нив досега немала отворено досие за поврзаност со тероризам.

Полицијата интензивно трага по трето лице, претпоставениот возач на минибусот, што синоќа на фрекфентната туристичка улица „Ла Рамбла“ во Барселона прегази и повреди над 100 лица, од кои 13 починаа.

ОБНОВЕНО: МАКЕДОНСКИОТ ДРЖАВЈАНИН Е ПОВРЕДЕН И НЕ СЕ НАОЃА ВО ЖИВОТНА ОПАСНОСТ

Македонски граѓанин, кој во моментот на нападот во Барселона бил во непосредна близина, се здобил со скршеница на зглобот на ногата. Тој не е во животна опасност и е третиран од страна на шпанските медицински служби, соопшти изутринава македонското Министерство за надворешни работи.

Претставник од македонската Aмбасада во текот на ноќта се упатил кон болницата каде што се наоѓа повредениот македонски државјанин.

МНР синоќа во соопштение упати на телефоните 00 34 620 126 308 – број на претставник на македонска амбасада во Шпанија и 00 34 932 142 124 – број од шпанските институции за информации за засегнати роднини/ пријатели.

1 COMMENT

Comments are closed.