Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со доделување на наградите за животно дело на актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, вечерва почнува 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Претходно во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле. Прва претстава што ќе биде изведена од официјалната програма е „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, а продукција на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, во 21.30 часот во Центарот за култура. Годинава мотото на фестивалот е „Враќање дома“.
Од Фестивалот велат дека дел од претставите се распродадени. Програмата на фестивалот, кој ќе трае до 16 јуни, ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден. Ќе следуваат промоции на книги, меѓународна конференција, а ќе биде отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.
Во официјалната програма за награди се 10 претстави, во програмата „Независна продукција што игра домашни автори“ има пет претстави, а со дипломски претстави учествуваат и студентите од Факултетот за драмски уметности.
Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.