Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Во судница на Врховниот суд денеска продолжи судењето за „Диво Насеље“, на кое сведочеа неколкумина сведоци предложени од одбраната на обвинетите.
Првиот сведок, Игор М. вработен во МВР, даде исказ по барање на обвинетиот Арсим Бајрами, бидејќи биле колеги, но и се виделе критичниот ден на 9 мај 2015 година. Сведокот истакна дека утрото на 9 мај го видел обвинетиот Бајрами во селото Речица, а и позборувале на кратко. Бајраму му рекол дека оди кон полициската станица бидејќи го повикале, а инаку бил на боледување. Исто така сведокот на прашање одговори дека во 2005 и 2006 година му бил командир на обвинетиот, и дека истиот ги извршувал задачите.
Обвинетиот Бајрами има 34 години, женет е и има две малолетни деца. Завршил Факултет за јавна администрација на државниот тетовски универзитет и бил вработен како полицаец во МВР.
По овој сведок, сведочеше Момчило Ц. вработен во средно училиште, а во судот се појави по покана на одбраната на обвинетиот Ирфан Љутвиу. Сведокот објасни дека обвинетиот Љутвиу му бил бербер, истакнувајќи дека последен пат се шишал кај него на 3 мај, а неговиот син вечерта пред крвавите настани во кумановско. Сведокот објаснуваше дека берберот работел до доцна навечер, бидејќи кај него секогаш имало гужва. Претпоставката е дека на овој начин одбраната се обидува да му обезбеди алиби на обвинетиот, односно дека немал време да се занимава со организирање на терористички напад.
Обвинетиот Љутвиу има 36 години и има две малолетни деца. Завршил средно образование и работел како бербер. Живее во Куманово, на улицата во кој се случи нападот од терористичката група врз полицијата.
Денеска во судница сведочеше и Саити И. по покана на обвинетиот Мусадик Бајазити. Сведокот и обвинетиот биле колеги, односно и двајцата работеле во општина Липково, каде што обвинетиот бил портир. Овој сведок истакна дека неделата пред настаните, со обвинетиот биле на работа, а посочи и дека организирале стража, по настаните во Гошинце, бидејќи тие дополнително се грижеле за безбедноста на локалните жители.
Се појавија и неколку сведоци на покана на 47годишниот обвинет Бесник Ајдини. Сведоците посочија дека со Ајдани се виделе ден пред терористичкиот напад, и поминале голем дел заедно. На поставените прашање на одбраната истакуваа дека обвинетиот со никој не разговарал на телефон, туку денот им поминал како и вообичаено. Ајдани има завршено основно образование и повремено работел приватно. Женет е и има четири малолетни деца.
Интересно беше што иако и обвинетите имаа можност да им постават прашања на сведоците, тие своето право на збор го искористија за да ги поздравата сведоците кои се нивни пријатели, колеги или роднини.
Адвокатот Насер Рауфи пак реагираше бидејќи не му беше дозволено да им поставува прашања на сведоците. Судијката му одговори дека за да поставува прашања требало и тој да ги има предложено истите луѓе за сведоци.
Судењето за Диво Насеље треба да продолжи во петок, кога треба да бидат сослушани обвинетите.
Извор: Фокус