Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Нема индикации дека вакцината против ковид на Универзитетот Оксфорд и „Астра Зенека“ е поврзана со зголемен ризик од згрутчување на крвта, објави Европската агенција за лекови (ЕМА) откако неколку земји ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина поради вакви случаи, пренесува 360 Степени.
Бројот на вакви случаи кај вакцинираните лица не е поголем отколку кај општата популација, се наведува во соопштението по веста дека некои земји, меѓу кои и Данска и Норвешка, ја прекинале вакцинацијата со вакцината на „Астра Зенека“ по објавувањето дека мал број луѓе по вакцинацијата имале проблем со згрутчување на крвта, пренесува Би-би-си.
„Придобивките од вакцината ги надминуваат нејзините ризици и може да се даде додека се испитуваат случаи на тромбоемболија“, додаваат од ЕМА и наведуваат дека имало 30 вакви случаи на пет милиони вакцинирани граѓани во Европа.
Данска, Норвешка, Италија и Исланд „од претпазливост“ престанаа да ја даваат вакцината „Астра Зенека“ поради сомневања дека предизвикува згрутчување на крвта, и покрај изјавите на производителите и европскиот регулатор кои тврдат дека вакцината е безбедна, објавија медиумите во неколку европски земји.
Во понеделникот Австрија, исто така, привремено ја прекина вакцинацијата со „Астра Зенека“ додека не се испита случајот на смрт поради нарушувања на коагулацијата на крвта и случајот со белодробна емболија.
ЕМА го испита случајот и заклучи дека смртта не може да се поврзе со вакцината на британско-шведската компанија.
Вакцинацијата е запрена и во Естонија, Литванија, Летонија и Луксембург, пренесуваат агенциите и се наведува дека досега се испорачани околу еден милион дози на вакцини од спорната серија во 17 земји.