Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
По неколкучасовна собраниска расправа полна со критики, обвинувања и препукувања, 40 гласа „ЗА”, 2 „ВОЗДРЖАНИ” и 62 „ПРОТИВ”, Владата на премиерот Зоран Заев го мина првиот посериозен тест на домашната политичка сцена.
Барањето за гласање на доверба на Владата на премиерот Зоран Заев не помина во Собранието. Половина час пред истекот на рокот, спикерот Талат Џафери ги повика пратениците да гласаат за предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од 107 присутни пратеници само 40 гласаа „ЗА”, двајца беа „ВОЗДРЖАНИ” а 62 пратеници гласаа „ПРОТИВ”.
Десетчасовната расправа почна со образложувањето на барањето од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во своето излагање, тој потенцираше дека има назадување во секое поле, дека политичкиот систем е деградиран и кршењето на Уставот е секојдневие и го обвини премиерот Заев дека ја води најкриминалната Влада во историјата на независна Македонија.
По него, од собраниската говорница се обрати координаторот на пратнечиката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој рече дека интерпелацијата е големо разочарување и преставува очаен обид да се најде оправдување ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието.
Никола Груевски ја опиша работата на Владата како едно големо разочарување за сите граѓани во Македонија. Тој го обвини Заев дека е посветен исклучиво на прашањето за промена на името, дека се занимава со маргинални прашања, наместо со конкретни иницијативи и побара од него да се повлече од политиката „пред да направи поголема штета“.
„Граѓаните од вас очекуваат нови работни места, нови фабрики, нови инвестиции, нови шанси и можности за да останат и да живеат тука, а не за да им се докажувате дека не патувате да носите странски инвестиции и со тоа штедите. Ова е трчи-лажи влада која секому му ветуваше што сака да слушне. Влада која верува и се надева дека на следните избори меѓународната заедница ќе им легализира нов изборен криминал затоа што ќе ги продадат нашите национални интереси и не се свесни дека ќе доживеат сериозен дебакал кои ќе го остават СДСМ во нови 10 години во опозиција“, рече Груевски.
Премиерот Заев пак, последен се обрати на собраниската седница, ја повтори програмата на неговата Влада, го потенцираше катастрофалната состојба која ја затекнале во институциите кога ја превземале власта. Тој му порача на својот опонент Груевски дека е минато.
„Никола Груевски, ти си минато, Македонија чекори напред, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенрира во самите институции. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа е ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена од опозицијата“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.