Недоверба за Рахој: Педро Санчез е нов премиер на Шпанија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со 180 гласа против 63-годишниот Маријано Рахој, од вкупно 350 пратеници, шпанското собрание му изгласа недоверба на премиерот и го поддржа предлогот на шефот на Социјалистите, Педро Санчез. На ваков начин, 46-годишниот Санчез станува автоматски нов шпански премиер. Ова е првпат во демократската историја на земјата еден премиер да биде сменет преку гласање недоверба, пренесува Дојче Веле.

Рахој во парламентот изјави дека му била чест да биде премиер на Шпанија. и го радува што зад себе ја остава земјата во подобра положба отколку при неговото стапување на функцијата, со оглед на економскиот подем на порано кризната држава, постигнат преку реформи и планови за штедење.

Санчез го очекуваат напорни времиња, неговата Социјалистичка партија по парламентарните избори во Шпанија во 2016. година излезе како губитник, располага со само 84 пратенички мандати. Конзервативната Народна партија, предводена од Рахој, кој на премиерската функција е од 2011. година, има 134 пратеници, што овозможуваше малцинска влада. Санчез веќе навести дека во предвидливо време ќе следат нови парламентарни избори.

Социјалистите при гласањето доверба за владата во парламентот беа поддржани од левиот сојуз Унидос Подемос, кој располга со 67 пратенички места, и од повеќе регионални партии, меѓу другите и од сепаратистичката провинција Каталонија, како и од баскиската ПНВ. Либералната Граѓанска партија, која бараше оставка од Рахој и нови избори, гласаше за Рахој.

Економскиот експерт Санчез го постави прашањето за импичмент на владата како реакција на судските пресуди во корупциските афери поврзани со партијата на Рахој. Минатата недела Народната партија беше осудена да плати казна од 245.000 евра, а на повеќемина поранешни партиски функционери им беа изречени делумно повеќегодишни затворски казни. По крајот на диктатурата на Франко во 1975. година, ова е четврто гласање за доверба, претходните три беа неуспешни, последен пат партијата Подемос во јуни 2017. година не успеа преку гласање да ја собори владата на Рахој.