Home Актуелно „Недела неработен ден“ се одложува за во 2022 година

„Недела неработен ден“ се одложува за во 2022 година

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска, известија дека примената на Законот за работни односи и „Недела неработен ден“ ќе бидат со одложена примена, од 1 јануари 2022 година. Ова беше соопштено на денешната редовна месечна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог што се одржа во Владата.

Одложената примена ќе важи и за измените и дополнувањата на Законот за данок на имот.

Како што информира заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, Предлог-законот за данок на имот е во собраниска процедура.

-Стапките на данок на имот остануваат во рамките во кои беа до сега, освен за оние лица кои поседуваат повеќе единици на имот и кои не се користат или не се во економска функција. Законските измени се во функција на зголемување на продуктивноста и зголемување на приходите по основ на данок на имот, нагласи Ковачевски.

Во однос на предлог-измените на Законот за финансиска поддршка за инвестициите, вицепремиерот Битиќи посочи дека со дел од нив ќе им се помогне на компаниите за пребродување на 2020 година.

-Тоа се однесува и на компаниите кои веќе земале помош по мерките од Законот, да не бидат елиминирани поради пад на приходи и затоа воведуваме предлог измени во условите за аплицирање. Дополнително, ќе се променат начинот и условите на исплата, односно ќе се прават исплати тековно што ќе биде дополнителна помош и зголемување на ликвидноста на компаниите, потенцира Битиќи.

Како една од најважните предлог измени во овој Закон, дополни, е и усогласувањето на поддршката со рамномерниот регионален развој.

На седницата присуствуваа претставници од четирите најголеми стопански комори во земјата: Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на северозападна Македонија и МАСИТ, кои ја формираат Платформата за јавно-приватен дијалог.

На иницијатива на МАСИТ стана збор и за поставување минимален праг на основица за плаќање придонеси. Притоа, вицепремиерот Битиќи рече дека Владата останува посветена на она што е дел од програмата, а тоа е скалесто намалување на персоналниот данок во ИТ индустријата.

Битиќи уште еднаш напомена дека за сите важни економски прашања Владата води отворена дискусија со стопанството.

-Создавањето предвидливо бизнис опкружување е едно од најважните теми за секој стопанственик, па токму во таа насока, пред донесување какво било законско или подзаконско решение, Владата ќе продолжи со отворена дискусија и консултација со бизнис секторот, подвлече Битиќи.

Согласно воспоставената практика, Комисијата за јавно-приватен дијалог одржува седница секој последен петок во месецот.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…