Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Конститутивното тело за помирување кое треба да ги „закопа секирите“ меѓу власта и опозицијата, во својот формат, ќе содржи три подгрупи.
Во состав на Конститутивното тело за помирување ќе функционираат три подгрупи. Едната ќе биде задолжена за реформи, другата за помирување и третата за интеграција. Ваквата одлука следуваше по денешниот состанок на Телото одржан зад затворени врати.
Од скудните информации што предлагачите на Законот за амнестија ги даваат во јавноста, се очекува нивните предлози да бидат во насока на целосна амнестија за индиректните учесници во настаните од 27 април и наоѓање правни можности за евентуална преквалификација на делата за директно инволвираните. Овој закон, според политичките аналитичари, е особено важен за владејачката коалиција, која настојува да го одржи двотретинското парламентарно мнозинство постигнато на 19 октомври, неопходно за конечно изгласување на спогодбата со Грција. Уште поголем е предизвикот на кој треба да одговори овој предлог-закон, со оглед на фактот што во понеделникот од страна на Собранието беше одбиен предлог-законот за амнестија што го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Со отфрлениот предлог-закон за амнестија се бараше целосна амнестија на сите учесници во настаните од 27 април.
Покрај тоа, актуелниов предлог-закон за помилување треба да го задоволи и категоричниот став дека нема да се дозволи амнестија за оние што се обвинети за командна одговорност. Членовите на координативното тело за помирување сепак се оптимисти дека ќе се постигне договор, а финалната верзија на законот ќе биде донесена до средината на декември. На седницата на координативното тело за помирување, чиј почеток е закажан за денеска во 10 часот, се очекува да се разговара за предлогот, но и самите предлагачи сметаат дека е преамбициозно да се претпоставува дека во истиот ден ќе биде и финализиран предлог-законот.
И покрај оптимизмот за усвојување на т.н. селективен закон за амнестија, останува прашањето со каква политичка „магија“ ќе се надминат принципите на правото за да биде постигнато тоа. И на правните лаици им е јасно дека ваквиот закон претставува обид да се направи правна селекција меѓу оние што треба да бидат амнестирани и оние што треба да одговараат за насилство или за командна одговорност во неговото неспречување. Дилемите што се поставуваат се: како да биде задоволена правдата, а тоа да се направи без притисок врз Обвинителството и без да произведе правни преседани и други последици.