Не се гледа крајот: Продолжува маратонот наречен Конститутивна седница


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Ниту десеттото продолжение од маратонската конститутивна седница на Собранието, започната на 30 декември минатата година, не донесе придвижување и дебатата останува заглавена на третата точка од дневниот ред за избор на собраниската Комисија за избори и именувања.

Вчерашната расправа помина во остри спротивставувања, дофрлувања од место, куп процедурални забелешки и со неколку реплики, а седницата во најголем дел се сведе на толкувања на членовите 78, 80 и 65 од деловникот на Собранието, дали може или не да се побара измена на дневен ред додека се уште трае претресот на третата точка. Се работи за предлогот од 10 пратеници на СДСМ поднесен во четвртокот, место за актуелната трета точка, да се оди на четвртата точка, избор на нов претседател на парламентот. Единаесеттото продолжение на седницата е закажано за денеска во 11 часот, пренесува СакамДаКажам.

Во меѓувреме, се одржа куса средба на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица по која лидерот на партијата Али Ахмети кажа дека не гледа светло на крајот од тунелот,

Решавањето на кризата  не зависи само од нас, туку од сите партии. Некои од партиите ги блокираат државните институции. Во моментов не гледам светло на крајот од тунелот, но се надевам дека сите партии ќе дадат свој придонес да излеземе од кризата, рече Ахмети и додаде дека со закани и уцени нема да се реши кризата.

Портпаролот на Европската комисија Маја Коцијанчич порача дека во Брисел очекуваат Собранието да се деблокира без понатамошно одложување и уште еднаш го повика претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита одлуката да не го додели мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство.

Очекуваме  сите  политички  лидери и институции  да дозволат да продолжи демократскиот процес, а тука се подразбира и изборот на нов претседател на Собрание и би сакале тоа да го видиме без одложувања, кажа Маја Коцијанчич на вчерашната пресконференција во Брисел.