Не се гледа крајот на војната во Украина – западните сили ја меркаат пролетта 2024 за нова украинска контраофанзива


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Без очекувања за некаков драстичен напредок на фронтот западните сојузници на Украина веќе почнаа да ја меркаат пролетта 2024 како период за почеток на нова унапредена и подобрена контраофанзива.

Пред почетокот на контраофанзивата надежта беше дека пролетва Украинците ќе можат да го реплицираат успехот од есенската офанзива во која ги прегазија Русите и вратија огромен дел од окупираната територија.

Од тие очекувања до сега ништо не се оствари, и претпоставката е дека нема ни да се оствари во претстојните 2 месеца пред движењето и оперирањето на украинскиот фронт да стане невозможно, иако на Украина и е јасно дека на своите поддржувачи мора да им покаже некаков посериозен напредок.

Стравот е и дека Киев нема да може да ја издржи зимава, не воено, туку дипломатски, и дека како се влошуваат временските услови во земјата, така ќе бледее и поддршка што Украина ја добива.

Околу смирување на очекувањата од контраофанзивата предупредуваа и највисоките американски воени функционери, според кои добивките од есента 2022 нема да може лесно да се повторат. Како што минува време сличен став почнува да се слуша и од Белата куќа.

Вол стрит журнал пренесува објаснување од воен аналитичар, според кого Западот имал очекување за брз успех на контраофанзивата затоа што судирите по крајот на Студената војна главно брзо завршувале, меѓутоа историски гледано војните траат меѓу 3 и 7 години, со по неколку офанзивни сезони. Во истата анализа се и војните кои се уште не се завршени, па Вол стрит журнал ги наведува Корејската војна, која технички е во примирје, или судирот меѓу Израел и Арапите кој трае од 1948, или судирот во Северна Ирска кој трае со генерации.

Надежта за Украина е дека до пролет нивната армија ќе ја има уште подобро совладано западната обука и ќе може поуспешно да ги ангажира своите единици кои се чуваат во позадина, плус дека до средината на 2024 Украинците ќе ги имаат на располагање и долгоочекуваните Ф-16ки.

Весникот потсетува и дека исто толку време ќе има и Русија за дополнително да ги засили своите позиции, вклучително и повторно сеење мини на деловите од фронтот што беа расчистени.

„Стратезите ја гледаат следната година и потоа, надевајќи се дека со тек на време – и покрај тоа што Русија ги засилува своите позиции – украинските сили ќе стекнат вештини и искуство кое ќе им дозволи да ги надманеврираат руските сили,“ пишува Даниел Мајклс во текстот за Вол стрит журнал.