Не чекајте последен ден да пријавите данок во УЈП


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


За разлика од минатите години, деновиве пред канцелариите на УЈП нема метеж и поднесувањето годишна даночна пријава тече брзо, без поголеми застои. Според статистиката, од 27 февруари досега се поднесени вкупно 140.052 годишни даночни пријави, од кои 139.441 се примени на шалтерите, а 601 се доставени по електронски пат. Крајниот рок за поднесување на годишната даночна пријава е 15 март.

Управата за јавни приходи од пред неколку дена отвори дополнителни шалтери на кои ќе може да се поднесат годишните даночни пријави. Шалтерите, како што соопшти УЈП, се лоцирани на приземјето на Дирекцијата за големи даночни обврзници во зградата на ССМ.

На овој начин граѓаните од Скопје, но и сите што се од друг град, а кои привремено работат или живеат во Скопје, можат даночната пријава да ја поднесат на три локации, вклучувајќи ги Регионалната дирекција-Скопје и Даночниот шалтер-Чаир. Исто така, пријавите може да се поднесуваат и преку мобилните даночни шалтери на УЈП – се наведува во соопштението на УЈП.

Според Управата, даночните обврзници си ги исполнуваат своите обврски.

Наплатата на даноците е солидна. Бројот на големи даночни обврзници веќе се искачи на 435. Овие обврзници креираат 44,42 отсто од приходите во државната каса на земјава. Овде влегуваат големи компании од нафтениот бизнис, енергетиката, металургијата, банки и други финансиски институции, јавни претпријатија, фирми што имаат огромен удел во македонската економија и вработуваат голем број луѓе. За нив се грижи посебна дирекција – објаснуваат од Управата.

Бројот на фирми што се квалификуваат како големи даночни обврзници е трипати поголем од 2006 година, кога беше формирана дирекцијата. Наплатата на даноците во 2016 година се искачи на 99 отсто.

Управата за јавни приходи апелира граѓаните да ја исполнат својата обврска и да поднесат годишна пријава. Последниот рок е 15 март, до кога се очекуваат над 400 илјади пријави. Досега од примените над 140 илјади пријави, најголем дел се од жителите на Скопје.
Сепак, од УЈП апелираат да не се чека последниот рок, па повторно да се соочиме со големи турканици и нервози. А исто така може да се користи и опцијата пријавување данок по електронски пат.

Граѓаните треба да ги поднесат годишните даночни пријави и да не го чекаат последниот рок, бидејќи тогаш се создава метеж на даночните шалтери. Апелираме граѓаните што се регистрирани во системот за електронски даноци да ги поднесат пријавите по електронски пат – вели Весна Новаковиќ од Управата за јавни приходи.

Пријавите можат да се достават и преку пошта на адресата на Регионалната дирекција. Отворен и е бројот 0800 33 000 во Инфоцентарот доколку е потребна помош од даночните агенти.

Граѓаните што оствариле дополнителни приходи, а кои нема да достават годишни даночни пријави, се соочуваат со казни од 500 до 1.000 евра. За сите дополнителни информации и помош при пополнувањето на годишната даночна пријава, граѓаните можат да се обратат во Инфоцентарот 0800 33 000 или да побараат помош од даночните агенти во даночните канцеларии.

Кој треба да поднесе даночна пријава?

Годишна даночна пријава до 15 март 2017 година задолжително треба да поднесат оние лица што во 2016 година, освен плата, пензија или приход од земјоделска и самостојна дејност, оствариле и дополнителни приходи. Се работи за приходи од кирии, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, поединечна добивка од општи игри на среќа во износ поголем од 5 илјади денари (лотарија, електронски игри на среќа, награди или интерактивни игри), приходи од игри на среќа преку специјализирани интернет-страници, приходи од Интернет (е-трговија, услуги преку специјализирани страни, реклами на сопствени интернет-страници), лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Македонија, пари од ангажман во амбасади или мисии на меѓународни организации, други дополнителни приходи.

Приходите од обложувачниците не се пријавуваат во годишната даночна пријава. Граѓаните што се занимаваат со електронска трговија и остваруваат приходи преку Интернет треба овие приходи да ги наведат во годишната даночна пријава.

Права на граѓаните обврски на фирмите

Работодавецот, односно исплатувачот на приходот има законска обврска најдоцна до 25 јануари да издаде збирна пресметка со вкупните износи на исплатени приходи, платениот персонален данок и придонеси за претходната година. И Фондот за пензиско и инвалидско осигурување издава збирна пресметка за годишната бруто-пензија, социјални придонеси и персонален данок, а Фондот за здравствено осигурување дава збирна пресметка за годишното породилно боледување, социјални придонеси и персонален данок.

Мобилни даночни шалтери

Мобилните даночни шалтери се специјални опремени комбиња со коишто даночниците секој месец ги посетуваат оние населени места каде што УЈП нема постојани даночни канцеларии. Овие шалтери на 2 март беа во Центар Жупа, на 3 март во Маврово и Ростуша, на 6 март се во Јегуновце, ден потоа во Желино, на 8 март се во Зелениково, на 9-ти во Сопиште, па следуваат Драчево, повторно во Маврово и Ростуша, Бутел, Петровец, Ѓорче Петров.