Научниците се фатија во костец: Едни тврдат дека се здрави, други дека се штетни


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Заситените масти не ги затнуваат артериите и не го зголемуваат ризикот од срцев удар, тврдат тројца кардиолози во своите трудови кои ги објави Бритиш Џурнал оф Спортс медисин (British Journal of Sports Medicine).

Тие тврдат дека потпирањето на храна означена како „немасна” и „против холестеролот” е погрешно, како и дека „нема поврзаност меѓу конзумирањето на заситени масти и општиот морталитет, болестите на срцето, смрт поради инфаркт, шлог или дијабетис тип 2 кај здрави возрасни луѓе”.

Сепак, велат дека медитеранскиот тип на исхрана и 22 минути прошетки дневно се најдобар начин за спречување на појава на срцеви заболувања.

Трудот кој го објавија Паскал Мејер, кардиолог во Универзитетскиот колеџ во Лондон и уредник на списанието „BMJ Open Heart”, Рита Редберг уредник на американското списание „JAMA Internal Medicine” и Асим Малхотра кардиолог во болницата Листер во Стивенеџ во Велика Британија, покренаа жестоки критики од разни експерти за кардиологија. Некои велат дека нивните ставови воопшто не се темелат на проверливи докази и дека предизвикуваат дополнителна забуна во јавноста за тоа која храна треба да се јаде, а која да се избегнува.

Експертите кои ја отфрлаат идејата дека избегнувањето на заситени масти спречува срцеви заболувања, пак тврдат дека сите проблеми можат да се избегнат со „нерестриктивна медитеранска исхрана со најмалку четири лажици маслиново масло на ден”.

Критичарите пак ги обвинуваат за наивност и игнорирање на доказите кои се во контрадикторност со нивната теорија.

Др. Гевин Сандеркок, директор на истражувачкиот центар во Универзитетот Есекс, ги отфрли нивните тези за користа од „замената на рафинирани јаглени хидрати со здрави масни производи”, како неточни и без докази. „Мораме да продолжиме да ја проучуваме сложената врска меѓу маснотиите, холестеролот и срцевите болести, но не смееме да менуваме еден мит со друг” – рече тој.

Од друга страна, некои ги поддржаа, па др. Мери Хенон Флечер, која е на чело на медицинското оддел во Универзитетот Олстер, вели дека нивните совети „се нешто најдобро што го прочитала во последните неколку години”.

„Прошетка 22 минути дневно и конзумирање на вистинска храна. Тоа е одлична порака до јавноста. Модерната идеја за исхраната која подразбира внесување на немасна и нискокалорична храна, не е здрава. Сите тие намирници се изменети со цел да бидат немасни и воопшто не се здрави. Права храна во умерени количини и секојдневно вежбање се клуч за здравјето и виталноста, но тоа е премногу едноставна порака за да ја прифатат луѓето како совет” – смета таа.

Други експерти како нутриционистот Гејнбор Басел, сметаат дека научниците се на добра трага, но дека исхраната не треба да содржи 41 отсто масти, како што препорачуваат тие, туку најмногу 11 отсто.