Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Светските научници алармираат дека човештвото веројатно веќе ја има истуркано планетата Земја до „критичниот праг“ на климатските промени, што ќе резултира со катастрофален домино-ефект, кој е закана за постоењето на целокупната наша цивилизација.
Можеби веќе ја турнавме нашата планета преку неколку критични прагови и кон сценариото во кое Земјата почнува „сама да го засилува“ глобалното загревање во низа незапирливи циклуси со уништувачки повратни ефекти, предупредуваат научниците, кои повикуваат на итна меѓународна реакција.
Повеќе од половина од критичните прагови утврдени пред една деценија сега се „активни“, што носи непосредни закани, вклучувајќи губење на амазонските тропски шуми и на големите ледени плочи на Антарктикот и Гренланд. Сите тие во моментов претрпуваат големи и досега невидени промени, многу порано отколку што се очекуваше.
Ова претставува „егзистенцијална закана за цивилизацијата“, за што е потребна „итна реакција“.
Што можеме да направиме за да си помогнеме?
Пишувајќи во списанието „Нејчр“, научниците велат дека се зголемуваат доказите дека овие настани се сè поверојатни и сè повеќе заемно поврзани отколку што досега се сметаше, и дека може да доведат до катастрофален домино-ефект.
Но тие велат дека масовната вонредна акција за намалување на емисиите на стакленички гасови ќе помогне да се забават некои од овие процеси, што на Земјините видови ќе им даде повеќе време да се приспособат и да го избегнат најлошото сценарио на „стакленичка“ Земја, во која на нашата планета едвај би се живеело.
„Пред една деценија идентификувавме пакет од потенцијални критични прагови во системот на Земјата, сега гледаме докази дека се активирани над половина од нив”, рече главниот автор професорот Тим Лентон, директор на Институтот за глобални системи на Универзитетот во Ексетер.
„Зголемената закана од брзи, неповратни промени значи дека веќе не е одговорно да се чека и да се види. Ситуацијата е алармантна и ни треба брза реакција.“
Вонредна состојба од планетарен размер
Коавторот Јохан Рокстром, директор на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам, рече: „Не само што човековиот притисок врз Земјата продолжува да се зголемува на невидени нивоа, туку и иако науката напредува, мора да признаеме дека сме ги потцениле ризиците од покренувањето неповратни промени, каде што самата планета почнува да го засилува глобалното загревање.
Ова е она што сега почнуваме да го гледаме, веќе на 1 степен глобално загревање. Научно, ова дава силен доказ за прогласување планетарна вонредна состојба, за да се покренат светски активности што ќе го забрзаат патот кон еден свет што може да продолжи да се развива на стабилна планета“.
Во моментов нашата планета е на пат кон катастрофа: дури и ако сите држави потпишани на Парискиот договор ги исполниле своите цели за емисија на гасови, сепак до крајот на веков ќе имаме „најмалку 3 степени глобално загревање“, велат научниците.
Но ние не сме ни тргнале да ги исполнуваме тие цели.
Додека ние не успеваме да се справиме со нашите емисии, влијанието сè уште се чувствува и предизвикува неповратни процеси.
Планетарните „бели дробови“ на критична граница
Пермафростот, вечниот мраз низ Арктикот во голем обем почнува да се топи и да ги ослободува своите огромни складови јаглерод диоксид и метан – стакленички гас околу 30 пати посилен од СO2.
На Амазон можеби наскоро веќе ќе му нема спас. Уништувањето на шумите, во комбинација со климатските промени, значи дека „белите дробови на светот“ се близу до критичниот праг кога шумата се суши и не може да преживее. Од 1970 година досега 17 отсто од Амазон се уништени. Овој критичен праг може да се достигне кога уништувањето на шумите ќе достигне некаде помеѓу 20-40 отсто.
На Арктикот, каде што температурите растат побрзо отколку во другите делови на планетава, загревањето веќе предизвика големи нарушувања во светот на инсектите и зголемување на пожарите, што доведе до умирање на северноамериканските тајги, „потенцијално претворајќи некои региони од јаглероден мијалник во јаглероден извор“, пишуваат авторите.
Штом ќе се достигне еден критичен праг, тоа значително го зголемува ризикот да бидат достигнати и другите прагови, велат научниците.
Но состојбата веројатно може да стане многу полоша.
Денес, атмосферскиот СО2 е на нивоа последен пат видени пред околу четири милиони години во плиоценската епоха, кога на Антарктикот растеле шуми, нивото на морето било за 20 метри повисоко отколку што е денес, а глобалните температури биле за 3-4 степени потопли.
Но нашите нивоа на СО2 продолжуваат да излегуваат од контрола и, како што пишуваат научниците, „ние брзо напредуваме кон нивоата од пред околу 50 милиони години“, во епохата на еоценот, кога температурите биле до 14 Целзиусови степени повисоки од прединдустриското време.
Научниците бараат светот да „дејствува веднаш“ и да ги вклучи сопирачките за да се избегне неконтролирано прегревање.
Иако идните критични прагови и соодносот меѓу нив е тешко да се предвидат, научниците тврдат: „Ако може да се појават критични каскади и не може да се исклучи глобално прелевање, тогаш ова е егзистенцијална закана за цивилизацијата“.
Научниците повикуваат и на поголемо разбирање за тоа како емисиите ја зголемуваат веројатноста да се достигнат праговите.
Глобалното откажување од економијата на фосилно гориво е малку веројатно пред 2050 година, но со температура веќе на 1,1 °Ц над прединдустриското ниво, веројатно е дека нашата планета до 2040 година ќе го премине „штитот“ од 1,5 Ц. Авторите заклучуваат дека и само поради овој факт ситуацијата е алармантна.
„Ниту една економска анализа на трошоци и придобивки нема да ни помогне. Треба да го промениме нашиот пристап кон климатскиот проблем“, се вели во трудот.
Професорот Лентон додаде: „Можеби веќе го преминавме прагот за каскада на меѓусебно поврзаните прагови. Сепак, стапката по која тие напредуваат, а со тоа и ризикот што го претставуваат, може да се намали со намалување на нашите емисии.“