Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Резултатите од новата научна студија посветена на коронавирусот покажуваат дека вакцините Фајзер и Модерна можат да обезбедат имунитет на коронавирусот што ќе трае со години, можеби доживотно.
Студија објавена денес сугерира дека на повеќето луѓе кои биле вакцинирани со некои од мРНА вакцините нема да им треба трета доза вакцина, но под еден важен услов: да не се појават значителни мутации кај новите соеви.
„Резултатите од студијата ни покажуваат колку е долготраен имунитетот стекнат со вакцинација“, изјави за Њујорк тајмс, Али Елебеди, имунолог од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, кој го водеше истражувањето.
Студијата, објавена во списанието Нејчр, не се осврна на вакцината Џонсон&Џонсон, но Елебеди очекува дека имунитетот после таа вакцина сепак ќе биде послаб од оној што го даваат мРНА вакцините (Фајзер и Модерна).
Минатиот месец, Елебеди и неговите колеги објавија дека клетките што препознаваат вируси останале во коскената срцевина најмалку осум месеци по инфекција со коронавирус. Друг тим истражувачи откри дека мемориските лимфоцити Б продолжуваат да созреваат и зајакнуваат најмалку една година по инфекција.
Овие откритија сугерираат дека имунитетот може да трае со години, можеби цел живот, кај луѓе кои биле заразени, а подоцна примиле вакцина. Научниците сè уште не се сигурни дека истата ситуација е можна кај луѓето кои стекнале имунитет само со вакцинација, без да се преболи ковид-19.
По закрепнувањето од инфекција или вакцинација во лимфните јазли, се создава специјализирана структура наречена герминативен центар, за кој истражувачите откриле дека и 15 недели по првата доза вакцина бил многу активен кај сите учесници во студијата.
„Фактот дека активноста продолжила скоро четири месеци по вакцинацијата е многу, многу добар знак“, изјави Елебеди за Тајмс. Активноста на герминативните центри обично достигнува максимум една до две недели по вакцинацијата, а потоа се намалува.
„Обично по четири до шест недели не останува многу активност“, изјави за Тајмс Дипта Батачарија, имунолог од Универзитетот во Аризона. Сепак, герминативните центри кои се формираат по мРНА вакцината остануваат активни дури и по неколку месеци. „Дури и тогаш, не гледаме значителен пад на активноста кај повеќето луѓе“, рече Батачарија.
Резултатите од студијата сугерираат дека огромното мнозинство на вакцинирани лица ќе бидат долгорочно заштитени – барем против постојните соеви. Луѓето кои ја преболеле короната и подоцна биле вакцинирани, можеби никогаш нема да треба да се довакцинираат против коронавирусот, велат експертите.
Сепак, старите лица, луѓето со слаб имунолошки систем и оние кои земаат лекови кои го потиснуваат имунитетот, можеби и понатаму ќе треба да примаат дополнителни дози на вакцина.
„Како што вирусот мутира, така се создаваат и соеви кои подобро го избегнуваат имунитетот стекнат со вакцинација“, изјави шефот на американската јавна здравствена служба д-р Вивек Мурти за Си-ен-ен.
„Клучот е вакцинација. Со двете дози“, рече Мурти.