Научна студија тврди дека нема потреба од секојдневно дезинфицирање на површините за заштита од коронавирусот


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Студија на Емануел Голдман, микробиолог од универзитетот „Рутгерс“ во САД, објавена во научното списание Лансет, покажа дека е малку веројатно дека некој ќе се зарази со коронавирусот доколку дојде во контакт со површина на која претходно паднале честички на вирусот.

„Во болниците беа тестирани области во близина на пациенти со ковид-19 и на нив не беше пронајдена заразна варијанта на вирусот“, рече Голдман, пренесува НПР.

Според него, вирусната рибонуклеинска киселина (РНК) што е пронајдена е всушност „трупот на вирусот“, единственото нешто што останува кога вирусот ќе умре.

„Штом ќе се најде во околината, вирусот е многу слаб и многу брзо се распаѓа“, објасни Голдман.

Неговите заклучоци се спротивни на сите студии што уште од почетокот на пандемијата предупредуваат дека коронавирусот на одредени површини може да преживее неколку дена.

Се претпоставуваше дека вирусот се пренесува ако заразено лице кивне и се закашла во близина на некоја површина, па „може да се заразите ако ја допрете таа површина, а потоа си го пренесете вирусот преку очите, носот или устата“, вели Линдзи Мар, професорка по инженеринг на Вирџинија тек, која го проучува преносот на заразните болести низ воздухот. Затоа беше толку важно редовно да се дезинфицира сè и да се носат ракавици.

Сега Мар вели дека тоа било „претерано“. Денес, вели таа, „сите докази посочуваат дека вдишувањето на вирусот од воздухот може да е најважниот начин на пренос“.

Научниците сега знаат дека првите студии за преносот преку површини биле правени во стерилни лабораториски услови со користење на многу поголеми количества од вирусот од тие што ги наоѓаме во секојдневието.

Нема научни податоци за да се оправда дезинфицирањето површини, вели д-р Кевин Фенели, специјалист за респираторни инфекции во Националниот институт за здравство.

„Кога ќе видите луѓе што со дезинфекциски спрееви ги прскаат улиците, тротоарите и оградите и подземните железници, едноставно не знам за ниеден податок што го поткрепува фактот дека се заразуваме од вируси што ни скокаат од тротоар“.

Мар вели дека фокусирањето на чистењето површини не е најдобриот начин за забавување на инфекцијата.

„Наместо да обрнуваме толку многу внимание на чистењето површини, можеби е подобро да обрнеме внимание на чистење на воздухот, со оглед на ограниченото време и ресурси“, вели Мар.

Фенели се согласува, истакнувајќи дека пренесувањето преку воздух е поверојатно во затворените јавни места како рестораните.

„Зошто не правиме повеќе за да откриеме начини за вентилација на тие области?“, прашува тој. „Би било подобро да се користи ултравиолетово гермицидно зрачење, за кое знаеме дека може да ги убие овие вируси во воздухот“.

Од друга страна, се поставува прашањето колку опасна може да биде дезинфекцијата на рачките на вратите, пакувањата и прехранбените производи со силни средства, кои исто така се штетни.

Заклучок: здравствените експерти нагласуваат дека најважниот начин да се избегне заразувањето е да се држите настрана од гужвите и да носите маска кога и да излезете од дома. Сведете го минимум престојот во кој било затворен простор со луѓе што не се од вашето домаќинство – и во такви услови секогаш носете маска.