Научен труд за најстариот македонски неолитски локалитет Влахо во престижното археолошко списание Antiquity


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Реномираното археолошко списание Antiquity објави научен труд за неолитскиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија.

Во едицијата Project Galery на ова списание кое го издава Универзитетот во Кембриџ, сумирани се последните сознанија за оваа мошне значајна неолитска населба, како за македонската, така и за европската археологија.

Во трудот истакнато е присуството на десетина ровови, евидентирани на локалитетот Влахо преку неговото геофизичко скенирање. Резултатите од ова истражување посочуваат на дури 13 полукружни концентрични ровови што во моментов претставува единствена ваква појава во предисториска Европа. Во просторот што го опфаќаат овие ровови присутни се уште два паралелни рова што формираат правоаголна целина во која се присутни остатоци од повеќе неолитски градби. Надвор од овој мошне интересен комплекс, геофизичкото скенирање потврди уште два рова кои се формирани независно, а за кои во моментов не се знае дали се истовремени или пак направени подоцна.

Фасцинатно за овој локалитет е фактот дека тој е датиран во 64 век пред новата ера, што воедно го прави и еден од најстарите неолитски локалитети во Европа. Во таа смисла, доколку овие десетина полукружни ровови се изработени во раниот неолит, што е сугерирано од добиените дати и материјалната култура, тогаш тоа го прави овој локалитет исклучително важен поради неговата специфична просторна организација која не е вообичаена за Балканот, но и пошироко.

Издвањето на овој научен труд во реномираното списание Antiquity ќе му даде многу поголемо и светско афирмирање на локалитетот Влахо кај Живојно и на неговите хронолошки, просторни и културни обележја. Со самото тоа што трудот е рецензиран од врвни светски стручњаци, ја потврдува веродостојноста на изложените резултати и овозможува нивно темелно вклучување во студиите на бројни истражувачи. На тој начин се истакнува и значењето на оваа мошне специфична неолитска населба и потребата за нејзино долгорочно проучување и заштита.

За жал, локалитетот Влахо кај Живојно во Пелагонија во моментов е соочен со сериозно оштетување, поради ископувањето на јаглен во негова близина, но и во рамки на периферијата на неолитската населба. Несовесното однесување кон овој локалитет предизвикува оштетување на неговите периферни делови и особено на рововивите кои претставуваат негово уникатно обележје. Поради тоа неопходна е итна заштита на ова наоѓалиште и многу погласно апелирање за негово целосно зачувување.

Автори на трудот се Гоце Наумов, Марчин Прзбила (Marcin Przybyła), Хуан Гибаја (Juan F. Gibaja), Кристина Пенезиќ (Kristina Penezić), Феран Антолин (Ferran Antolín), Амалиа Сабанов (Amalia Sabanov) и Анета Фиданоска.