НАТО ја покани Македонија да им се придружи на земјите членки на Алијансата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Земјите-членки на Алијансата се согласни да го испочитуваат ветувањето од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и да испратат покана за членство на Македонија. Нацрт-верзијата на заклучокот од самитот во Брисел недвосмислено наведува дека Македонија треба да започне преговори за членство.

„Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе ѝ додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме владата во Скопје да започне преговори со Алијансата”, се наведува во нацртот кој треба да се официјализира по состанокот на шефовите на држави и влади кој почнува попладнево во Брисел. Заклучоците ќе ги обзнани генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција најавена за 17 часот.

До влезот во НАТО, Македонија ќе мора да ги имплементира сите чекори и процедури предвидени во договорот за решавање на спорот за името со Грција.

„Целосна имплементација на сите предвидени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на спорот за името е услов за успешно заокружување на пристапниот процес”.

Во заклучоците се поздравуваат напорите на македонската влада за подобрување на билатералните односи со соседите, вклучително и со Бугарија, напредокот во исполнувањето на итните реформски приоритети, и охрабрување за натамошни реформи.

Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска оцени дека со одлуката на НАТО се поправа она што било пропуштено во 2008 година.

„Денеска сите ја искористија можноста да ѝ честитаат на Македонија за огромниот пробив и целиот аудиториум нѐ награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО”, рече министерката за одбрана.