Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Нарекувајќи ја Македонија „мила и пријателска северна земја“, грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас изрази поддршка за евроатлантскиот пат на Македонија и охрабрување за решавање на заедничките проблеми со Грција. По средбата со неговиот домаќин Никола Димитров, Коѕиас подвлече дека се радува што земјава ја надминала политичката криза и додаде дека во интерес на Грција е таа да биде стабилна.
„Верувам дека иднината припаѓа на нашата соработка и дека ќе најдеме смелост да ги надминеме сите елементи кои не држат во оваа нелогичност. Значи да создадеме повеќе доверба, креативно да ги решиме нашите проблеми, секој иредентизам да го поништиме и утрото да играме оро со нашите заеднички култури“, изјави Коѕиас.
На прашањето дали Грција има храброст за направи исчекор во надминувањето на спорот, Коѕиас со став дека Грција досега многупати покажала храброст и дека со задоволство ќе и помогне на нашата земја со своето искуство и знаење на патот кон ЕУ. Во однос на НАТО интеграцијата рече дека земјава ќе стане членка, доколку ги реализира одлуките од Самитот во Букурешт. „Ние ја сакаме оваа мила наша северна земја и во НАТО и во ЕУ, но ќе треба сето тоа да се оствари врз основа на правилата на ЕУ и НАТО“, рече Коѕијас.
Министерот Димитров посочи дека на средбата немало ништо конкретно околу спорот за името, но дека разговарале за тоа како ќе се одвива процесот и кои се модалитетите, како и за тоа како секоја страна го перцепира овој процес. Димитров немаше конкретен одговор дали новата влада ќе направи нешто околу симболите и статуите кои предизвикуваат вознемиреност кон јужниот сосед, но нагласи дека новата влада се стреми кон голема Европа и ќе се однесува во согласност со меѓународните обврски.
„Ние не сме среќни кога нечии големи мапи навлегуваат во територијата на Република Македонија, така се разбира разбираме кога и Грција не е среќна кога ние или некои мавта со големи мапи. Мислам дека е 2017 година и дека двата народа многу посреќно ќе живеат ако има мостови и отворени врати“, изјави Димитров.
Димитров најави дека двајцата министри често ќе се гледаат. Двајцата ветија продолжување на соработката и во економскиот дел, инфраструктурата, образованието итн. Инаку, за време на разговорите на двајцата министри, пред зградата на ресорното министерство се одржа мирен протест на организациите „Македонски Манифест“ и „Светски Македонски Конгрес“, кои бараат цврсто да се постави црвената линија во спорот за името.
За време на последната посета во Скопје, посредникот за името Метју Нимиц пак, оцени дека за да се реши проблемот треба општ напредок, односно двете страни да размислат многу сериозно и многу внимателно да се слушаат меѓу себе. Тој додаде дека очекува развој на настаните во следниве неколку месеци.
slobodnaevropa.mk