Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Повеќе од триста граѓани кои имале уште 10 до 15 години до пензионирањето при потпишувањето на договорите со приватните пензиски фондови се оштетени, заклучиле одговорни лица од канцеларијата на Народниот правобранител по нивните разговори со оштетените лица и претставници од двете приватни пензиски друштва, претставници од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и од Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС).
Досега биле оштетени 314 граѓани во однос на износот на пензијата.
До Народниот правобранител досега се пристигнати три претставки. Граѓаните пресметале дека пензиите ќе им бидат многу помали. Заклучено било дека сите оштетени граѓани биле членови на приватните пензиски фондови. Сите тројца граѓани сега водат судски постапки.
Се претпоставува дека бројот на оштетени граѓани не е конечен, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Станува збор за граѓани кои во 2005 година имале од 10 до 15 години до пензионирање и се зачлениле во вториот пензиски столб, без да знаат дека со тоа ќе бидат оштетени и ќе добијат двојно пониски пензии.
„Во приговорите граѓаните кажуваат дека никој не им кажал, ниту ги предупредил дека не требало да станат членови на приватните фондови затоа што немаат доволно време да акумулираат доволно средства и за нив членството било финансиски неисплатливо“, велат од Народниот правобранител.
Од Министерството за труд и социјална политика денеска соопштија дека по почнувањето со имплементацијата на вториот столб во 2007 година, била направена анализа во која било утврдено дека „за некои осигуреници кои доброволно се зачлениле во втор столб, не е поволно да бидат во него имајќи ги предвид нивната возраст и стаж“.
Во Министерството за труд и социјална политика веќе формирале комисија за случајот. Двете приватни пензиски друштва, МАПАС и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување сметаат дека треба да се измени законската регулатива што го уредува ова прашање. Со измените ќе ѝ се даде можност на оваа група граѓани кои се веќе оштетени да бараат раскинување на договорот со приватните пензиски друштва и повторно враќање во ПИОМ со префрлување на досега уплатените средства.