Напаѓачите на Зијадин Села добија вкупно 81 година затвор за обид за убиство


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Напаѓачите на пратеникот Зијадин Села, под обвинение за обид за убиство, беа осуден на казни затвор од 10 до 13 години, со што се добива вкупна сума затворска казна од 81 година. За делото за кое се товареа во Кривичниот законик се пропишани казни од 5 до 15 години затвор.

„Виновни се бидејќи со умисла се обиделе од живот да го лишат пратеникот Зијадин Села“ рече судијката Славица Андреевска образложувајќи ја пресудата за седуммината обвинети за обидот за убиство на Лидерот на Алијансата за Албанците (АА), Зијадин Села за време на „крвавиот четврток“.

Највисоки казни им беа изречени на обвинетите Никола Војминоски и Александар Јаневски – Тошта кои се осудени на тринаесет и пол односно на тринаесет години затвор.

„Војминовски и Јаневски го извлекле пратеникот Зијадин Села од местото каде што се наоѓале и другите пратениците и им овозможиле на другите обвинети да го тепаат оштетениот. Тоа е услов без кој не можело да биде сторено кривичното дело. Дополнителна тежина на делото му дава и тоа што обвинетите Војминовски и Јаневски делото го сториле против избран функционер кој тогаш бил на своето работно место“, рече судијката Андреевска.

Обвинетиот Кире Ѓерогиевски, за кого судијата потенцираше дека му го задал последниот удар на Села пред Клубот на пратеници, е осуден на 11 години затвор.

Останатите четворица обвинети, Коста Делов, Андреј Мицов, Николче Димитриевски иОливер Ошавковски се осудени на десет и пол години затвор.

Обвинетите мирно ја сослушаа пресудата без бурни реакции и негодувања.

По изрекувањето на пресудата обвинителот Дарко Јакимовски побара на осудените да им се продолжи мерката притвор и куќен притвордо стартот на издржување на казната.

„Со оглед на тоа што на обвинетите веќе им е изречена казна но и со оглед на големината на казните постои опасност истите да избегаат но и да го повторат кривичното дело“, рече Јакимовски.

Судот го прифати неговото барање и одлучи на петмина од обвинетите да им биде продолжена мерката притвор, а на двајца куќен притвор.

Адвокатите на обвинетите најавија жалби на пресудата.