Наместо фудбалски храм, ливада за срам – што се случува со градскиот стадион во Прилеп?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Фотографии од градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп деновиве станаа вирални на социјалните мрежи, и ги растажија не само прилепчани, туку и сите љубители на фудбалот.

Пред неполни две години градоначалникот Марјан Ристески и директорот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, потпишаа договор за донација за реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Според тој договор, стадионот беше најавено да има капацитет од 18.000 места и да биде направен според сите критериуми на УЕФА за играње дури и на меѓународни натпревари.

Според тогашните најави, беше предвидено и хортикултурно уредување околу стадионот и изградба на паркинг простор, а исто така фудбалскиот терен требаше да добие и соодветни трибини, соблекувални како и осветлување, за да може на него да се играат и ноќни натпревари.

Жалосната состојба во која се наоѓа еден од најголемите фудбалски храмови во државава го загрижи и екс фудбалерот на Победа и македонски репрезентативец Панче Ќумбев, кој на својот Фејсбук напиша:

„Градскиот стадион Гоце Делчев во Прилеп. На овој терен покрај другите има играно и Перуџа,Митиланд,Спартак Трнава,Ризеспор.Македонската фудбалска репрезентација има одиграно неколку пријателски натпревари.На овој терен Победа има освоено две титули првак на Македонија.Патот до освојувањето на единствениот куп трофеј за Прилепчани е овде започнат.На овој стадион поминав четири прекрасни години.
Денес овој некогашен храм на фудбалот изгледа како што се гледа од приложеното. Жално,бедно и срамотно…“

Покрај констатацијата дека Прилеп не заслужува ваков срам единствено што можеме да направиме е да прашаме: „До каде стигнавте со проектот господа?“