
Кожната јакна, вечен симбол на стил, моќ и урбана софистицираност, и оваа сезона заслужено го зазема своето почесно место меѓу најбараните парчиња облека.
Без разлика дали ја носите со лежерно фустанче, елегантни панталони или омилените фармерки, кожната јакна секогаш додава доза на самодоверба и прецизно изграден став. Добрата вест? Не е потребно да потрошите цело богатство за да си дозволите вакво култно парче — оваа сезона high street брендовите излегоа со навистина одлична понуда на модели што изгледаат луксузно, а се по пристапна цена.
Од безвременските „бајкер“ јакни со метални детали, преку елегантни кроеви во крем, коњак и маслинесто зелени нијанси, до oversized силуети што го враќаат духот на 90-тите — изборот оваа пролет е навистина богат. Во тренд се и моделите изработени од веганска кожа кои ја комбинираат стилската привлечност со одржливоста, како и јакните со ватирани детали, текстури и необични акценти што го прават секој стајлинг повпечатлив.
Zara и оваа година се истакнува со минималистички кожни парчиња во неутрални тонови, совршени за префинети дневни комбинации. Mango нуди софистицирани јакни со ремен што убаво ја нагласуваат силуетата, додека Масимо Дути оди чекор понапред со дизајни што лесно може да се помешаат со high-end модата — изработени од богата кожа, со внимателно избрани детали и беспрекорна изработка. Немаат заостанување ни H&M, & Other Stories и Stradivarius, со разиграни модели наменети за оние кои сакаат да експериментираат со стилови.
Доколку размислувате да инвестирате во едно впечатливо парче за пролет и есен, кожната јакна е сигурен и секогаш актуелен избор. Доволно впечатлива да трансформира наједноставен стајлинг, а доволно разновидна за да се вклопи во секој стил.
Во нашата галерија ви претставуваме избор од најубавите модели од моменталната понуда на high street брендови што не треба да ги пропуштите оваа пролет!