Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според резултатите од најновите научни истражувања, американскиот мед сè уште содржи траги од радиоактивен отпад од нуклеарните тестови спроведени во 1950-тите и 1960-тите години.
Нивото на пронајден радиоактивен изотоп, цезиум-137, е под оние што се сметаат за штетни за луѓето, но нивното откритие сепак покажува колку долго траат последиците од нуклеарните експерименти.
„Имаше периоди во кои тестиравме стотици нуклеарни оружја во атмосферата“, рече геохемичарот Џим Касте од Универзитетот Вилијам и Мери во Вилијамсбург.
Цезиум-137 е нус-производ на нуклеарна фисија, што често може да се најде во траги на прехранбени производи поради нуклеарната контаминација на животната средина.
Касте дошол до откривање траги од тој изотоп во медот сосема случајно, откако на своите студенти им дал задача во 2017 година за време на пролетниот одмор. За да им покаже дека радиоактивниот отпад од нуклеарните тестови од средината на 20 век сè уште е присутен во животната средина, Касте ги замолил своите студенти да донесат локално произведена храна од местото каде што ги поминале празниците.
Како што се очекувало, биле откриени многу ниски нивоа на цезиум-137 во различни примероци на овошје, ореви и друга храна. Но, дури и Касте бил изненаден од резултатите на студентите за тестирањето на медот, купени од земјоделците од Северна Каролина.
“Отидов да измерам повторно затоа што мислев дека нешто се случило со садот или со мојот детектор. Откако го повторив мерењето, тоа повторно покажа сто пати поголеми нивоа од која било друга храна”, рече Касте.
За да се разбере зошто медот содржи толку високо ниво на цезиум-137, Касте и неговите колеги тргнале да тестираат примероци на локално произведен суров, чист и нефилтриран мед низ источниот дел на САД.
Од 122 тестирани примероци на мед, 68 содржеле видливи траги од радиоактивниот изотоп, односно остатоци од атмосферските нуклеарни тестови спроведени од САД, СССР и други земји за време на Студената војна.
Повеќето детонации се случиле над Маршалските острови во Тихиот океан и Новаја Земља, Арктичкиот архипелаг во северна Русија. Некои тестирања се спроведени во Ново Мексико и Невада. Експертите веруваат дека кумулативниот ефект на над 500 тест-детонации испуштиле повеќе јонизирачко зрачење во атмосферата од кој било друг настан во историјата на човештвото.
Иако не можеме да знаеме кои од сите овие експлозии се одговорни за нуклеарниот отпад што можеме денес да го најдеме во храната низ САД, експертите можат да објаснат како тој изотоп можел толку многу да се рашири, пишува Science Alert.
Високото ниво на цезиум-137 во медот, во споредба со другите прехранбени производи, покажува дека радиоактивниот отпад е концентриран на необичен начин. Еден од главните начини на изотопот да стигне до почвата е дождот, но примероците на мед со најголемо количество радиоактивен изотоп доаѓаат од региони на САД кои не се меѓу оние со најмногу врнежи.
Наместо тоа, се покажало дека оние примероци на мед со највисоко ниво на цезиум-137 доаѓаат од области на САД со ниско ниво на калиум во почвата, кои растенијата ги апсорбираат како извор на хранливи материи.
Калиумот и цезиумот имаат голем број атомски сличности и кога растенијата во почвата, сиромашна со калиум не успеваат да добијат доволно ниво на посакуваната хранлива материја, наместо тоа ќе апсорбираат цезиум, дури и ако е нестабилен, радиоактивен по природа. На крајот, радиоактивниот изотоп завршува во растителниот нектар, што потоа го собираат пчелите и се зголемува неговата концентрација за време на производството на мед.
Позитивната работа во врска со ова истражување е дека ниту едно ниво на цезиум-137 во храната, регистрирано денес, не е штетна за луѓето. Сепак, пред неколку децении, овој токсичен отпад бил посвеж и потенцијално поопасен за здравјето на луѓето, како и за здравјето на другите организми.
„Она што го откриваме денес е мал дел од зрачењето кое беше присутно во текот на 60-тите и 70-тите години на минатиот век и не можеме со сигурност да кажеме дали цезиум-137 има врска со падот на бројот на пчелни колонии“, рече Касте.
Студијата наречена Bomb 137Cs in modern honey reveals a regional soil control on pollutant cycling by plants, е објавена во списанието „Nature Communications“.