Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Најновите научни истражувања и мерења тврдат дека Мексико Сити (Сиудад де Мексико), најнаселената метропола во Централна Америка, веќе е потоната толку многу што сега е невозможно да се спаси.
По неколку вековно континуирано одводнување на водата од подземните слоеви, коритото на езерото на кое се наоѓа овој град стана сè посуво, поради што глинените плочи на речното корито започнале да пукаат со незапирлива брзина.
Оваа состојба не се заканува само на градската инфраструктура, туку и на водоснабдувањето за милиони луѓе, пишува Science Alert.
И покрај прекинот на дупчењето на подземните води во 50-тите години на минатиот век,по 115 години директни податоци и 24 години ГПС-снимки покажале дека градот продолжува да тоне со иста брзина.
Експертите во областа на североисточниот дел на градот, место кое сè уште не е урбанизирано и каде до неодамна не биле забележани нивоа на тонење, откриле дека тоне со брзина до 50 сантиметри годишно .
„Дури и да се зголеми нивото на подземните води, нема надеж за враќање на огромното мнозинство на изгубената област“, наведуваат авторите на студијата.
Поради постојаната тежина на огромниот град и постојаното губење на подземните води, неизбежно се случува понатамошно слегнување. Особено загрижува фактот што тонат и оние региони во градот кои сè уште не се толку оптеретени со урбанизација.
„Ако поставите тешки згради на тој вид почва и користите плитки темели, почвата се збива. Тоа и загубата на подземните води го прават Сиудад де Мексико да се најде во оваа ситуација”, рече геодетскиот инженер Еди Бромхед од универзитетот Кингстон.
Научниците прво забележале дека градот тоне во раните 1900-ти, а потоа тоне со брзина од околу 8 сантиметри годишно. До 1958 година веќе пропаѓал со по 29 сантиметри годишно, по што градските власти одлучиле да ја ограничат количината на вода земена од бунарите лоцирани во центарот на градот.
Стапката на слегнување на почвата оттогаш е подобрена, се враќа на помалку од 9 сантиметри годишно, но податоците со поголема резолуција покажуваат дека во последните две децении историскиот центар на градот тоне со стабилна стапка од 40 сантиметри годишно.
Експертите веруваат дека слоевите од глина под градот може да се набијат за 30 проценти и дека, иако тоа нема да се случи за околу 150 години, скоро ништо не може да се стори за да се запре овој процес.
Веќе денес, горниот слој на глина е набиен за 17 проценти, а научниците велат дека овие промени се „скоро целосно неповратни“.
Се разбира, не сите делови на градот тонат со исто темпо. Некои области веќе потонале под оригиналното корито на езерото, додека други останале на малку повисоко тло. Ова на крајот доведува до поголем ризик од интензивно пукање на површината, што може да ја оштети инфраструктурата во градот и да предизвика загадување на водоснабдувањето.
Поради дождот и изворските води што течат од планините околу Сиудад де Мексико, градот е особено подложен на поплавување. И додека глината под неа тоне и пука понатаму, постои можност овие силни потоци да навлезат во подземните залихи на вода донесувајќи отпад.
Во моментов, 70 проценти од водата за пиење во градот доаѓа од извори на подземни води. Доколку овие извори се загадени, може да има криза поради недостаток на вода за пиење.
Побогатите жители на градот сега можат да си дозволат да се преселат во помалку загрозени области или да купуваат вода за пиење од други места. Но, ако нешто не се направи наскоро, овие безбедни области може да потонат со остатокот од градот.
Студија под наслов Over a Century of Sinking in Mexico City: No Hope for Significant Elevation and Storage Capacity Recovery е објавена во списанието JGR Solid Earth.