Најмалку 103 деца се убиени во Украина од почетокот на руската воена инвазија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Од почетокот на руската воена инвазија врз Украина убиени се најмалку 103 деца, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање објавено синоќа на Фејсбук.

Зеленски во видеото рече дека руските трупи продолжиле да ја гранатираат украинската територија, нивните мирни градови и нивните граѓани.

– Харков и регионот… Го бомбардираа брегот на регионот Одеса. Испукаа проектили кон Киев. Погодена е цивилната инфраструктура на Запорожје, изјави украинскиот претседател, додавајќи дека до вчера утрото се убиени 103 деца, пренесува Си-Ен-Ен.

Зеленски додаде дека руските војници нанеле „стотина пати поголема штета“ во Украина отколку во Донбас за време на осумте години војна. Украинскиот претседател појасни дека до денес во Украина се уништени вкупно 400 образовни институции, од кои 119 се во регионот на Доњецк.

Претседателот, исто така, рече дека разговарал со обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и дека Обвинителството на Украина и агенциите за спроведување на законот веќе почнале да работат на „изведување на освојувачите пред лицето на правдата“.

„Напаѓачите ќе бидат одговорни за сите воени злосторства против Украинците“, рече тој.