Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Трифун Костовски обвинува дека некои надворешни фактори ја уништиле Еуростандард банка и дека се виновни за организираниот криминал што со години се случувал во неа. Тоа го вели од позиција на поранешен долгогодишен претседател на надзорниот одбор на банката и најголем акционер во истата, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка Правда за штедачи.
„Значи, според Трифун Костовски, сите тие фактори во државата, од Народна банка, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Јавното обвинителство како и Владата со министрите во неа, одобрувале и доделувале ненаплатливи кредити или переле пари во Еуростандард банка и без негово знаење. Или пак, реалноста и вистината се сосема други. Еве еден сликовит пример за тоа што е правено.
Во неколку јавни објави, Трифун Костовски ја истакнува фирмата Прототип, која како клиент во Еуростандард банка била преземена од Комерцијална банка со 2,5 милиони евра ненаплатлив долг. Таква фирма должник не постои во официјалниот извештај на Еуростандард банка, но постои фирмата Феро центар, која пак е тесно поврзана со фирмата Прототип.
Феро центар е најголемата фирма должник во Еуростандард банка во стечај со невратен долг во износ од 2,5 милиони евра. Долгот датира од 2019 година, а фирмата нема платено ниту една рата. Како сопственик и управител на фирмата се води Оливера Спировска Мандевска. Обезбедувањето на кредитот било направено единствено со обична меница.
Во 2019 година, во времето од кога датира овој долг во Еуростандард банка, Феро центар била во екстремно лоша финансиска состојба, несолвентна ниту кредитоспособна за да добие така голем кредит. Според билансите, од 2017 до 2019 година фирмата имала загуби од 500 илјади, па се до 4 милиони евра. Во истиот тој период, обврските на фирмата се движеле од 5,5 до 7,7 милиони евра. Задолженоста на фирмата се зголемила од 110 на 450 отсто! Крајниот резултат е стечај на фирмата во февруари 2021 година, а парите од кредитот земен од Еуростандард банка, како што може и да се очекува во ваков случај, се ненаплатливи.
За Феро центар да добие кредит од Еуростандард банка, некој тоа требал да го одобри. Според износот, кредитот морал да биде разгледан и да биде одобрен од надзорниот одбор на Еуростандард банка. Токму Трифун Костовски, како претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка, требало да ја потпише и одобри исплатата на овој милионски кредит.
Без да навлегуваме во причините и побудите за одобрување на милионскиот кредит за фирмата Феро центар, се прашуваме дали сите оние фактори кои Трифун Костовски ги наведува дека се виновни за пропаста на Еуростандард банка се тие кои го потпишале и одобриле ненаплатливиот кредит, или пак таа заслуга му припаѓа токму него, на Трифун Костовски.
Одговорот е јасен. Одговорност за предизвикувањето стечај на Еуростандард банка мора да има“, соопшти Правда за штедачи.