Најавени казни за фирмите кои зеле државна финансиска помош за исплаќање плати, а не им исплатиле на работниците


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Директорката на УЈП најави казни за сите фирми кои што зеле финансиска помош од државата, а не им исплатиле на работниците. Фирмите ќе треба да ги вратат парите, а Владата и јавно ќе ги објави имињата на оние кои што ги злоупотребиле државните пари. УЈП веќе ја доставила листата со фирми до Светската Банка и до Генералниот секретаријат на Владата.

„Ќе има соодветни глоби, а ќе треба да ја вратат и помошта која што ја имаат земено, а ја немаат исплатено. Затоа стриктно наведуваме и напоменуваме како Управа за Јавни Приходи дека сите оние компании кои што ја злоупотребиле оваа државна помош и сметаат дека го изиграле законот, системот и уредбата ќе бидат казнети и ќе бидат и јавно објавени. Значи нема пардон за ваков случај.“ – вели Лукаревска.

Не само да ги вратат парите на работниците туку и кривично да одговараат газдите на фирмите кои што зеле пари од државата, а не им ги исплатиле на своите вработени, бараат од Сојузот на синдикати.

Првиот човек на сојузот Дарко Димовски вели дека не може фирмите да си играат со државниот капитал и истите треба јавно да се објават и да се етикетираат како несовесни фирми кои што не нудат заштита на работничките права.

„Кривична одговорност и кривична пријава за оние работодавци кои што ја злоупотребија субвенцијата за исплата на платите на работниците во изминативе месеци како финансиска поддршка од Владата. Доколку не постапат институциите и инспекторатите ние како Сојуз на синдикати ќе поднесеме приватни пријави кон тие неодговорни работодавци и ќе бараме јавно да ги објават и на тој начин ќе ги брендираме како несигурни и несовесни фирми кои што не нудат социјална заштита. Со државниот капитал нема играње. Ако државата дозволи одредени лица да ја „пљачкаат“ државата и да не одговораат, тогаш не знам што понатаму.“ – вели Димовски.

Државата за април и мај исплатуваше по речиси 30 милиони евра на околу 20.000 компании, за да исплатат плати на околу 120.000 работници. Во јуни поддршка од 23 милиони евра добиле речиси 18.000 компании кои парите требаше да им ги поделат на над 100.000 вработени. Според УЈП злоупотреби имало најмногу во дејностите трговија на мало, подготовка на оброци и служење храна, транспорт, градежништво, а меѓу фирмите е и еден медиум.