Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според информациите кои ги пренесуваат германските надлежни служби, после прославите на Бајрам во ромските семејства во Гетинген дошло до нагло ширење на коронавирусот, па бројот на заразените во градот и во околината нагло се покачи на повеќе од стотина. Граѓаните се гневни, зашто тоа носи нови рестрикции.
Последица: 86 заразени во самиот град и уште 18 во околината, а се претпоставува дека тие бројки и понатаму ќе растат. Поради тоа е одреден карантин за неколку стотици лица што биле во контакт со заразените. Три лица сега се наоѓаат на болничко лекување, едно од нив е на респиратор.
Оваа недела ќе бидат тестирани уште 600 до 700 жители од еден комплекс згради во Гетинген во кој се одржани овие семејни прослави. Заразата се шири и надвор од границите на градот, зашто многумина од гостите допатувале од околината и од другите делови на земјата. Еден ученик во училиштето раскажал дека членовите на неговото семејство при средбата се прегрнувале и се ракувале. Како што е соопштено од градската управа, повеќето учесници на прославите потекнуваат од поранешна Југославија. Полицијата не сакаше да дава конкретни изјави за тие семејства, меѓутоа очигледно е дека станува збор за Роми од Косово, вели Дојче веле.
Јасна Чаушевиќ од Друштвото на загрозени народи предупреди дека не треба да се стигматизираат Ромите како такви што не се придржуваат кон мерките за спречување на заразата. Таа рече дека сега е важно да им се разјасни на заразените и на тие кај кои постои сомневање за зараза колку е тоа опасно, и тоа на нивниот мајчин јазик.
„Сите ние мораме да се штитиме себеси, а очигледно некои луѓе од самите нив, но без стигматизирања и предрасуди“, кажа таа.
Овој комплекс згради веќе неколку денови го опседнуваат новинари, што очигледно не им се допаѓа на некои станари. Во средата беше нападнат тим на една приватна телевизиска станица. „Луѓето се закануваа дека ќе ни ја уништат опремата“, извести камерманот Фестим Беќири. „Освен тоа, од балконите нè гаѓаа со компири“.
Можен дополнителен извор на заразата е еден наргиле-бар, кој во неделата бил отворен и покрај забраната. Таму повеќе лица пушеле водено луле со ист пластичен продолжеток.
Поради наглото ширење на епидемијата градските власти до следниот понеделник ги затворија сите училишта и пет детски градинки бидејќи меѓу заразените има повеќе деца и млади.
По повторното отворање ќе биде воведена обврска за носење заштитни маски. Ова кај многу родители и кај директорите на училиштата предизвика негодување зашто училиштата дури неодамна по долго време повторно беа отворени.
„Застрашувачко е тоа што има луѓе што мислат дека за нив правилата не важат или дека за нив правилата под одредени услови се ставени надвор од сила“, рече директорот на едно училиште.
Засега не е одлучено дали некој и законски ќе одговара за тоа нагло ширење на заразата.