Нафтата – од „црно злато“ до ресурс на кој му се ближи крајот во употребата


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Ако во 20. век нафтата беше „црното злато“ кое во огромна мера ја дефинираше глобалната економска политика и стратегија, во 21. век нафтата дефинитивно ја заменуваат други таканаречени енергетски кодови како борбата против климатските промени, обновливата енергија, борбата против загаденоста на отворените океански води со пластика и слично.

Во последниве години, руските медиуми се забавуваа да пресметаат колку е потребно една земја да произведува нафтени барели за да го испочитува договорот ОПЕК плус, потпишан од членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта и некои други земји. Но, не е суштината на квотите или квантитетот, или дури и дали е правилна одлуката на Владимир Путин, кога го напушти договорот со ОПЕК плус, по совет на директорот на Роснефт.

Русија го напушти договорот во почетокот на март, со надеж дека ќе им нанесе голем удар на нејзините главни конкуренти: САД кои произведуваат нафта од шкрилци и Саудиска Арабија, чиј државен буџет се пресметува по висока цена на нафтата. Тоа беше кардинална грешка на Путин.

Наместо триумф, Русија предизвика ценовна војна најавена од амбициозниот саудиски принц Мохамед бин Салман, ветувајќи дека ќе ја преплави, особено Европа, со нафта по дампинг цени. Производството се зголеми, цената на суровата нафта нагло опадна.

Путин очигледно го загуби тој блицкриг овие денови кога беше склучен нов договор под ОПЕК плус за значително да се намали производството на нафта за да се стабилизира цената.

Но, тоа не е поентата. Поточно, напорите на нафтениот картел ОПЕК и на земјите поврзани со нив, како Русија, Казахстан и Азербејџан, се да се намали количината на нафта затоа што на глобалната економија едноставно и треба помалку отколку што може да произведе. Така, 23 извозници на нафта договорија да го намалат производството од 2017 година, а сепак има зголемено непотребно вишок производство на она што порано го нарекувавме „црно злато“.

Сето ова, да не заборавиме, иако потенцијално моќните производители како Венецуела, Иран и Либија произведуваат многу помалку отколку што можат од различни причини.

Заклучокот е: „Црното злато“ можеби беше енергетскиот код на 20 век, но во 21 век тоа е борбата против климатските промени, обновливата енергија, енергетската ефикасност, борбата против пластиката во океаните. Едноставно, на економијата не и треба ни одблиску толку нафтата колку што може да се произведе.

Коронавирусот катастрофално ја сруши глобалната побарувачка на енергија, со што се изложува само проблемот со вишокот на нафта. За време на новите преговори на ОПЕК плус, рускиот министер за енергетика рече дека се водат разговори за намалување на производството на нафта што ќе трае две, три или четири години. Значи, учесниците на состанокот сериозно сметаа на тоа дека значително помалку нафта ќе се продава до 2024 година?

На крајот, тие се согласија да го намалат производството до мај 2022 година. Но, кој до тогаш може да гарантира дека побарувачката ќе се врати на барем нивото од крајот на минатата година? Дека повторно ќе има колку авиони со туристи и бизнисмени колку што имаше пред пандемијата? Дека еднаков број бродови ќе превезуваат стоки од Кина во Америка и Европа?

Покрај тоа, нема гаранција дека потписниците всушност ќе се придржуваат кон договорот за цели две години и дека нема да ги пренесат дозволените квоти. Ова веќе беше сугерирано од негодувањето на Мексико, кое инвестираше многу во нафтената инфраструктура.

Има добри шанси новиот договор да биде нарушен. Ако се случи тоа, сите потписнички – да не ги спомнувамe надворешните лица како што се САД, Канада, Бразил и Норвешка – ќе брзаат да продаваат што е можно повеќе нафта, колку и да е ниска цената. Оние кои имаат превисоки трошоци за производство, едноставно ќе пропаднат.

Дури и да не избувне оваа брутална војна со ниски цени – крајот на ерата на нафтата е наведен од фактот дека е договорено да се намали производството за дури петтина и дека ќе трае најмалку две години, а можеби и засекогаш.

Во услови на сериозен прекин на производството, кој ќе сака да вложи пари во развојот на оваа индустрија, да речеме во нови, далеку и тешко достижни нафтени полиња? Русија можеби ќе заборави на екстремно скапите планови за освојување на резервите на нафта на Арктикот. Светската нафтена индустрија ќе стагнира и ќе чека за подобри времиња, а најразвиените земји ќе продолжат по патот по кој тргнале – што подалеку од фосилните горива.

Како што вели поговорката: дури и каменото доба не завршило заради недостаток на камен, туку затоа што биле пронајдени понапредни технологии. Ерата на нафтата не заврши, но коронавирусот го забрза нејзиниот крај. Земјите што, како Русија, зависеа од нафтениот шприц, ќе мора брзо да го променат својот деловен модел.

Извор: Локално