Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Надија Мурад и Денис Муквеге се добитници на Нобеловата награда за мир за 2018 година за нивната заложба и борба за сузбивање на сексуалните злодела во воените судири.
Претходните денови медиумите како фаворити ги спомнуваа македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Виктор Нумерин, специјален уредник за Нобелова награда на шведската новинска агенција ТТ, дури тврдеше дека „многу членови на Комисијата сметаат дека е идеално наградата за мир да ја доделат на премиерите на двете држави“.
Језидската активистка Надија Мурад и конгоанскиот гинеколог Денис Муквеге, ја освоија Нобеловата награда за мир, за борбата против сексуалносто насилство како оружје во војна. Надија е језидска активистка за човекови права која преживеала сексуално ропство од немилосрдните ИСИЛ-овци во Ирак, пишува Си-Ен-Ен.
По траумите доживеани во заробеништво и силувања од страна на ИСИЛ-овите милитанти во Мосул во 2014 година, храбрата Надија станала застапник на језидското малцинство во Ирак, бегалци и за женски права.
Тешкото и мачно искуство на Надија започнало во 2014 година кога ИСИЛ-овци влегле во нејзиното село во ирачки Курдистан и ги убиле нејзината мајка и шест од деветте браќа. Многу невенчани жени во селото милитантните ИСИЛ-овци ги заробиле и ги менувале меѓу себе.
Надија во времето на овој брутален напад на екстремните исламисти била ученичка во средно училиште, родена е 1993 година, со надеж дека ќе стане учителка.
За среќа, успеала да побегне во Мосул, каде што едно муслиманско семејство и помогнало да набави лажна исламска лична карта, со која успеала да побегне од територијата на ИСИЛ-овци.
Владата на ДР Конго му честиташе на Муквеги за наградата, но и го критикуваше бидејќи ја „политизирал“ работата со жртвите на сексуално насилство.
„Тој извршува тешка и благородна работа. Деноноќно лекува жртви на сексуално насилство, но Владата на ДР Конго никогаш не се согласувала со неговиот поглед на ситуацијата во земјата. Тој почна да ја политизира својата борба“ – истакна владиниот портпарол.
Во источниот дел на ДР Конго војуваат различни милитантни групи и жените се чести жртви. Муквеги е еден од малкуте лекари, кои изведуваат сложени хирушки операции врз жените жртви на групно сексуално насилство.
Тој во 2012 година преживеа обид за атентат во својот дом во Букаву, откако се обратил пред Обединети нации, критикувајќи ги вооружените групи, политичките раководства во ДР Конго и во Руанда и меѓународната заедница дека ништо не преземале против групното силување.
Ќерките на Муквеги беа киднапирани, автомобилот му е запален, а беше пукано и врз неговиот телохранител. Поради тоа Муквеге живее во егзил во Европа.
Извор: Денешен