Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Најмалку 844 лица се повредени вчера во судирите до кои дојде при обидите на шпанската национална полиција за попречување на референдумот за независност на Каталонија, соопшти вечерва каталонската регионална Влада.
„Вкупно 844 лица побараа медицинска помош“, се наведува во соопштението на каталонското Министерството за здравство.
Шпанската полиција денеска се обиде да ги затвори гласачките места во Каталонија, каде илјадници луѓе излегоа да се изјаснат на референдумот за независност, при што дојде до судири во кои полицајците употребија и гумени куршуми
Телевизиите прикажаа инсерти од судирите на кои се гледа како полицајци удираат луѓе и се обидуваат да им одземат гласачки ливчиња и кутии.
Шпанското Министерство за внатрешни работи, од своја страна, соопшти дека при полициските акции за спречување на нелегалниот референдум биле повредени 33 припадници на националните безбедносни сили, од кои 19 полицајци и 14 членови на Цивилната гарда.
Министерството најави и истрага против каталонската регионална полиција поради непочитување на Одлуката на Уставниот суд за суспендирање на референдумот.
Во меѓувреме, лидерот на здружението „Омниум“, Жорди Куишарт соопшти дека повеќе органиции и синдикати, кои ја поддржуваат независноста на Каталонија, во вторник ќе организираат генерален штрајк во овој шпански автономен регион.