Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Анализата на коалицијата „Сите за правично судење“ излезе со податоци дека над 60 отсто од судењата за предмети кои се поврзани со организиран криминал и корупција биле одложени. Овие податоци се однесуваат на рочиштата на кои тие присуствувале.
„Најчестата причина за одлагање на расправите е отсуство на обвинетите лица во постапките или отсуство на нивните бранители, меѓутоа не би го исклучила и отсуството на јавните обвинители во постапките како странки во постапките“, рече Натали Петровска – Коалиција „Сите за правично судење“.
Според познавачите, по ваквото развлекување на некои предмети трошоците за самата постапка се поголеми, јавноста ја губи довербата во судскиот систем, се намалува ефикасноста и ефективноста на судските постапки, а делото може и да застари.
„Веќе знаеме дека откако ќе помине подолго време веќе не се ефикасни казните или решавањето на одредени кривични дела коишто се случиле многу порано. Во таа насока се надоврзува и застарувањето на кривичните дела….“, рече Дарко Аврамовски – правен експерт на Коалиција „Сите за правично судење“.
Судијата во Основниот суд во Велес, Габриела Гајдова, смета дека мора да се земе во предвид оправданоста на барањата на обвинетите за одлагање на рочиштето бидејќи тие го имаат тоа право.
„Една од можностите е ако отсуствата се наоправдани или доколу судот стекне заклучок дека се злоупотребуваат правата за да се одолговлекува постапката, бранителот може да биде санкциониран, но и обвинителот може да биде казнет, согласно законот за кривична постапка“, изјави Габриела Гајдова – судија во Основен суд – Велес.
Истражувањето на Коалицијата покажува и дека одложувањето на судските рочишта поради отсуство на обвинителот се случувало поретко додека постоеше Специјалното јавно обвинителство.