Над 50 отсто од жителите на Македонија над 15-годишна возраст се редовни пушачи


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во Македонија околу 50 отсто од населението, на возраст над 15 години се редовни пушачи. Загрижува и тоа што се поголем број на млади посегнуваат по цигари. Училишниот одмор го користат „да запалат по една“. Законите не се спроведуваат, секој малолетник може да купи цигари во продавниците и маркетите, и покрај тоа што законски е забранета продажбата за малолетни лица, пренесува Телевизија 24.

„На малолетни лица не се забранува продажба, јас колку што знам, сметам дека тоа не е во ред, особено е штетно за младите, мислам дека една четвртина од мојата генерација, јас сум 2002-ра родена, се пушачи и тоа воопшто не се добри статистики.“

„Има многу млади што пушат, посебно во моево училште има доста пушачи. Се продаваат цигари и мислам дека нема некои регулативи околу тоа и слободно цигари може да купат и деца ако сакаат. “

„Може да се купат цигари и без лична карта.“

„Ги откажав цигарите пред еден месец, но тешко одеше откажувањето еве и сега кафе без цигара тешко оди.“

„Зависи каде, на бензински обично бараат лична карта, а во трафиките обично не.“

„Па зависи во кои продавници, но најчесто даваат и на малолетни.“

Експертите за јавно здравје предупредуваат дека потребна е поголема едукација во училиштата за штетните ефекти од пушењето.

„Забрана на рекламирање на тутунските производи, поголема едукација во рамки на образовниот систем и сето тоа би требало да доведе до подигнување на свеста и кај граѓаните“ – вели Д-р Елена Ќосевска – Институт за јавно здравје.

Истражувањата на институтот за јавно здравје покажале дека 38 отсто од пушачите воопшто и не сакаат да ги откажат цигарите. Од 1 270 пушачи кои ги посетувале центрите за откажување, само четврица успеале да се откажат од овј порок. Според експерите за јавно здравје министерството за здравство и Владата треба да одвојат повеќе пари за центрите за откажување од цигари.

„Македонија нема да може да одговори на глобалната цел на СЗО пушењето кај нас да се намали за 30 отсто до 2025 година. Бараме Владата да обезбеди повеќе пари за посебна превентивна програма за одвикнување од пушењето за 10те советувалишта во центрите за јавно здравје и тоа за обезбедување пропаганден едукативен материјал, но и за набавка на лепенки и таблети за откажување од пушењето. Исто така, и за набавка на антиникотински мастики и размена на експерти кои ќе зборуваа за штетните ефекти од пушењето.“ – вели Д-р Елена Ќосевска – Институт за јавно здравје.

Во борбата со пушењето развиените земји веќе воведуваат ригорозни мерки. Париз ќе ја прошири забраната за пушење цигари на јавни места во 52 паркови и градини. Кај нас пак Владата неодамна го либеразлираше законот за заштита од пушење, за што доби критика и од Европската комисија во најновиот извештај, во кој се вели дека земјава назадува во контролата на тутунот.