Над 20.000 првачиња сефте ќе ја започнат новата учебна година


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Вкупно 20.437 првачиња, според податоците на МОН, низ училиштата во Македонија ќе посетуваат настава оваа учебна година.

Од нив на македонски јазик образованието ќе го следат 13.218 ученици, на албански јазик 6.419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

Во средните училишта се запишани вкупно 17.364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13.349 ученици, на албански јазик 3.765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.

Овие бројки за основните и средните училишта не се конечни.

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска денеска информираше дека испратен е допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци.

Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби, МОН испратиле барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент. Податоците се уште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи.