Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Над 2.000 цивили досега го загубија животот во окупираниот украински пристанишен град Мариупол, соопштија утринава локалните власти, пренесува ДПА.
„Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, загинаа 2.357 луѓе“, соопшти градскиот совет на Мариупол.
Југоисточниот украински град со околу 400.000 жители со денови е под опсада на руските војници и отсечен од остатокот од земјата.
Украинските власти известија за силни воздушни напади врз градот на Азовското Море. Русија вели дека напаѓа само воени цели таму.
Мариупол многумина го сметаат за симбол на украинскиот отпор. Од почетокот на војната во регионот Донбас во источна Украина во 2014 година, градот одбрани неколку обиди на проруските сепаратисти да ја преземат власта, пренесува ДПА.
Советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко, ја нарече ситуацијата во градот „нехумана“.
– Нема храна, нема вода, нема светлина, нема топлина, рече тој. Андриушченко изјави дека стравува дека ќе има уште многу смртни случаи. Со зголемениот интензитет на нападите, бројот на загинати би можел да достигне 20.000, рече тој.
Бројките на жртви не можат да бидат независно потврдени, потенцира ДПА.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 100 тони храна, вода и лекови за Мариупол веќе три дена се спречени да влезат во градот.
Властите во Киев ќе се обидат да направат сè што е можно за да им помогне на луѓето, рече Зеленски.